Писателот Мето (Методија) Бончо Фотев беше значајна личност во македонската литература. Неговиот богат литературен опус, во кој, меѓу другото, ја третираше и иселеничката судбина на печалбарите од езерската земја Македонија, претставува дел од македонската литературна книжнина и прилог кон севкупните вредности на пишаниот збор во Македонија.
Со своите литературни остварувања, тој си обезбеди посебно место меѓу македонската писателска фела, а како потомок на печалбарско семејство и со своите дела за раселените по светот, беше омилен меѓу читателите во македонската дијаспора.
Мето Фотев е роден на 14 март 1932 година, во печалбарското Љубојно, во Долна Преспа, а почина на 87 години, на 11 февруари 2019 година во Скопје, каде е неговиот вечен дом.
Основно осумгодишно училиште заврши во Љубојно во училиштето „Димитар Влахов”, кое често со право се нарекувало, расадник на македонски интелектуалци. Во 1952 година ја заврши Учителската школа во Битола и стана еден од првите учители од Долна Преспа. Во 1953 година дојде во Скопје, прво работеше во Радио Скопје како новинар, потоа, се префрли во редакцијата на „Нова Македонија”. Меѓутоа, поради немање учители во Македонија, беше определен за учител во Лазарополе – Дебарско. Во ова мијачко село учителствуваше две години и, пак, се врати во Скопје. Се запиша на факултет и работеше во Радио Скопје.
Од Радио Скопје се префрли во редакцијата на „Нова Македонија”, од каде што беше испратен за дописник во Струмица и во тој град остана девет месеци. Редакацијата го повика во Скопје и по една година, Мето Фотев, повторно работи во Радио Скопје, во новоотворената редакција „Младинска програма’, во летото 1956 година.
Во период од 1956 до 1970 година, цели 15 години, тој работеше во Радио Скопје, смени неколку редакции и одвреме-навреме објавуваше раскази во македонските списанија и весници. Потоа, работеше во Телевизија Скопје и беше уредник на Драмската редакција, каде постигна резултати на полето на драмата.
Во 1966 година му излезе од печат неговото првороденче во литературата, романот „Потомците на Кат”, во издание на „Култура”, Скопје. Со овој роман тој се прослави и како резултат на тоа, во 1967 година ја доби наградата „11 Октомври” токму за романот „Потомците на Кат”. За него се пишуваше во домашните и другите медиуми, од што произлезе во 1973 година, издавачкото претпријатие „Народна књига” од Белград овој роман да го издаде на српскохрватски јазик. Една година подоцна, скопската Издавачка куќа „Култура” го отпечати второто издание на ова веќе популарно дело.
Со романот „Потомците на Кат”, се чини дека Мето Фотев го достигна врвот и се вброи мегу значајните и познати романсиери во Македонија. Но, тој не се предаде на славата, туку почна и понатаму да твори.
Така, во 1969 година во издание на Издавачката куќа „Култура” од Скопје, излегува вториот роман „Селани и војници”. Истата година, Фотев за ова дело ја доби наградата „13 Ноември”, за потоа во 1977 година „Матица српска” од Нови Сад, го издаде романот „Селани и војници” на српскохрватски јазик.
Се смета дека романот „Потомците на Кат” на авторот Методија Фотев му донесе високи и заслужени признанија, а романот „Селани и војници”, кој е еден вид продолжение на првиот, ги потврдува големите авторови квалитети, ја продолжува линијата на неговиот растеж и го зацврстува неговото место меѓу врвните прозаисти во Македонија.
Во 1970 година Мето (Методија) Фотев го отпечати својот трет роман „Големите скитачи” во издание на Издавачката куќа „Мисла” од Скопје. Во 1974 година, приштинската Издавачка куќа „Рилиндија” го издаде романот „Големите скитачи” на албански јазик.
Последниот негов роман е „Вавариум„ издаден 2010 година. Методија (Мето) Фотев пишуваше со силна љубов кон човекот, кон родниот крај, кон иселеникот, кон сè она што за него во мислите беше свето. Затоа тој беше добитник на наградите: „11 Октомври”, „13 Ноември”, „Рациново признание”, наградата „Дијалог” и други.
Инаку, за творештвото на Методија Фотев пишувале плејада врвни македонски писатели, критичари, литерати, интелектуалци, новинари, публицисти и влубеници во неговите дела. Меѓутоа, во сеќавање ќе остане претставувањето на животот и делото на писателот Методија (Мето) Фотев на прославата на Илинден и на Иселеничките средби во неговото родно Љубојно, во 2010 година.
Тоа, секако, беше направено да се претстави Мето Фотев пред голем број иселеници од сите континенти во онаа светлина, во која тој заслужуваше на таков голем празник да се слави неговото име и дело, а љубанци и сите дојденци на Илинден да се гордеат што печалбарско Љубојно роди еден таков познат и признат романсиер и голем син на Македонија, кому животна преокупација му бра разделената Преспа и иселеништвото.
Нека му е вечна славата!
Славе Катин,