Премиерот Зоран Заев, кој ја предводи македонската делегација на Самитот 16+1 во Будимпешта, денеска ги почна активностите на официјалниот дел од агендата на овој значаен Самит на шефови на влади за соработка на земјите од Централна и Источна Европа со Народна Република Кина.
Како што соопшти владината прес-служба, Заев имаше обраќање на пленарната сесија на економскиот, трговскиот и финансиски форум на овој самит, познат и како 16+1, и ги претстави позициите на Македонија пред останатите претседатели на влади, учесници во самитот.
Во своето обраќање тој подвлече дека „живееме во време соочени со многу предизвици и дека тоа од лидерите бара фокусираност и работа насочена кон креирање на можности за економски развој и услови за унапредување на животниот стандард на граѓаните“, и оти со процесот на глобализацијата овие теми станаа исклучително важни.
– Сакам да истакнам дека Владата ќе продолжи со активностите кои имаат за цел значително да ја подобрат бизнис климата, преку воспоставување подобра институционална инфраструктура за привлекување инвестиции, што ќе повлече забрзување на економскиот раст, развој на приватниот сектор и отворање нови работни места, посочи Заев пред присутните шефови на влади на земјите од Централна и Источна Европа, и пред највисоките владини претставници на Кина.
Премиерот во своето излагање оддаде признание за Варшавската иницијатива со оценка дека таа целосно ги остварила целите, кои, меѓу другото, обезбедија земјите од Централна и Источна Европа да прераснат во мост кој ги поврзува земјите од Западна Европа, Централна Азија и Кина. Овој потенцијал, нагласи Заев, е од извонредно значење за регионот и дека земјите во него треба да го искористат овој момент за реални и конкретни проекти кои ќе донесат економски раст, се додава во соопштението.
– Би сакале да бидеме вклучени во повеќе настани за промоција на нашата трговија во рамки на процесот за соработка 16+1. Би сакал да апелирам кон кинеските институции да продолжат уште повеќе да го промовираат принципот на трговски олеснувања, што треба да резултира со олеснет пристап на нашите производи до кинеските пазари и учество на саеми и други бизнис активности, порача Заев.
Премиерот ги информираше присутните на форумот дека Македонија ќе биде домаќин на неколку важни настани поврзани со процесот на соработка со Кина како што е „Кина SEEC Координативен центар за културна соработка“.
– Координативниот центар за култура ќе биде основан во јануари, 2018 година во Министерството за култура на Македонија. Би сакал да ве информирам дека нашата земја ќе биде домаќин и на 5-тиот Кинески симпозиум за соработка на земјите од централна и источна Европа, од висок ранг на тинк танк организации во 2018 година и на 4-тиот Состанок на министри за културна соработка во 2019“, најави Заев.
Во духот на соработката со Кина, Заев рече дека соработката, меѓу другото, се одвива во области како што се здравството и медицината и за таа цел со одлука на Владата, во согласност со Законот за алтернативна и комплементарна медицина беше основан Центарот за традиционална кинеска медицина во Штип.
– Дозволете ми да го истакнам моето силно уверување дека денешниот самит ќе обезбеди солидна основа за зголемување на соработката, а посебно за зајакнување на економските врски во духот на важноста што Кина ја има за идната експанзија на економската соработка помеѓу земјите од нашиот регион, заклучи премиерот Заев на крајот од своето обраќање на пленарната сесија во рамките на Самитот на шефови на влади за соработка на земјите од централна и источна Европа со Народна Република Кина, што се одржува во Будимпешта.