Бучковски: Промената на политичката клима не може да се почувствува веднаш по пристапувањето во НАТО

Промената на политичката клима не може да се почувствува веднаш по пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, но сепак тоа носи големо стабилизирање во земјата, која веќе тргна по својот евроинтеграциски пат. Најголем предизвик за земјата сега е почетокот на преговорите за членство во Европската унија, изјави поранешниот премиер и министер за одбрана Владо Бучковски во интервју за „Блумбергтв.бг“.

Бучковски е учесник на иницијативата „Дијалози за иднината на Бугарија и на Македонија“.

– Надежите се дека преговорите за пристапување кон ЕУ ќе почнат во јуни. Тоа ќе внесе значителна стабилност во Северна Македонија по тешките шест месеци околу потпишувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши спорот за името со Грција, вели Бучковски во интервјуто со Николај Крстев објавено во емисијата „Светот е бизнис“ на „Блумбергтв.бг“.

Според Бучковски членството во Унијата ќе ги направи државата и регионот попосакувани за бизнис.

– Инвеститорите не доаѓаат во Западен Балкан само поради евтината работна сила. Регионот има многу ресурси, кои може да ги понуди … Треба да го покажеме на Европејците нашиот потенцијал, младите луѓе, туристичките можности и друго, вели Бучковски.

Потпишувањето на договорот за добрососедство меѓу Скопје и Софија, посочува Бучковски, е почетокот на европската интеграција на Северна Македонија.

– Договорот за добрососедство со Бугарија беше првиот сериозен тест за македонскиот премиер Зоран Заев. Договорите со Бугарија и со Грција ја зголемија почитта на земјата кај меѓународната заедница и ја направија фактор за стабилност во регионот, нагласува Бучковски.