Започна серијата на тематски работилници во рамките на проектот „Национален рурален парламент како глас на руралното население”. На настанот на кој учествуваа претставници од регионот Пијанец-Малеш се идентификуваа приоритетни теми за развој на руралните средини.
-Работилницата во Пехчево е прва работилница која оваа година се одржува во една од општините во Источниот-плански регион. Со заедничка работа на сите учесници, ги утврдивме најприоритетните теми за овој регион кои потоа заедно со теми од другите плански региони ќе се дискутираат на Националниот рурален парламент што ќе се одржи во јуни годинава како завршен настан на проектот, информираат претставниците од Мрежата за рурален развој.
Општата цел на проектот, како што дополнуваат е да се зголеми влијанието на руралните граѓански организации преку нивното учество во развојот на јавните политики и процеси на донесување одлуки.
Проектот на територијата на нашата држава е финансиран од ИПА програмата за граѓанско општество и медиуми се спроведува од страна на трите партнерски организации, Фондација за поврзување на природни вредности и луѓе, Мрежата за рурален развој и Акција за рурален развој. Истиот започна да се спроведува од март 2017 година, а ќе биде заокружен во септември оваа година.