Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) до крајот на неделава ќе ја добие Студијата и анализата од МАНУ која ќе претставува појдовна основа за изработување на новите правила за снабдување со топлинска енергија што треба да бидат готови до 5 март, потврди денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.
Тој најави дека веднаш по добивањето на докуменот од МАНУ ќе биде организиран состанок со претставниците на „Но пасаран“ и БЕГ на кој од страна на МАНУ ќе биде презентирана анализата за влијанието на исклучените врз системот за греење во Скопје.
-Со сите заинтересирани се договоривме дека треба да изнајдеме правично решение со кое ќе им помогнеме на потрошувачите кои биле исклучени пред јули 2012 година во услови кога со постоечките правила за снабдување со топлинска енергија кои важеле од 2007 до 2009 година тие не знаеле дека ќе треба да плаќаат еден ден доколку се исклучат од системот за греење во Скопје. При носењето на новите правила овој факт ќе го имаме во предвид, рече Бислимовски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Нагласи дека исклучените потрошувачи можеби немало да се исклучат од системот за греење доколку знаеле дека по исклучувањето ќе им се наметне обврска да плаќаат.