Главната грчка опозициска партија, Нова демократија, ја повика Владата да излезе со единствен предлог за името со Македонија заради, како што наведува, појавените разлики во нејзините редови за ова прашање, соопшти вестникот „Катимерини“.
„На премиерот Алексис Ципрас и неговиот коалициски партнер Панос Каменос им напоменуваме дека двете партии, Сириза и Независни Грци, се во владата, а не во опозицијата. И бидејќи претпоставуваме дека тие комуницираат меѓу себе, од нив очекуваме конкретен и заеднички предлог за името на БЈРМ. Затоа што се додека се во Владата тие ја носат одговорноста за договорањето, а не партиите од опозицијата“, се наведува во соопштението на Нова демократија.
Грчките конзервативци, во ставот соопштен во Катимерини, категорички ја отфрлаат идејата лансирана од шефот на дипломатијата Никос Коѕијас дека решене на спорот со Скопје може да биде изнаједено во Парламентот само со мнозинството на пратенциите од двете партии, кои се претставени во Владата.
Зад оваа идеја тие стравуваат од обид на владејачките партии да ги прикријат несогласувањата и разликите што се појавија во нивните редови. Откако лидерот на помалиот коалициски партнер и актуелен министер за одбрана, Панос Каменос, соопшти дека нема да поддржи решение на спорот со Скопје за името во кое ќе фигурура зборот Македонија.
И левичарската Сириза исто така во своите редови има пратеници кои не се расположени, па дури и се против прифаќање на име со географска одредница.
„ Една Влада која на договор заминува со присуство на две различни позиции, е упатена на неуспех“, напиша на Твитер влијателната пратеничка на конзервативците Дора Бакојани, која за време на Самитот на НАТО во Букурешт, во 2008 година, беше министер за надворешни работи во владата на Караманлис.
И опозициската партија Потами, исто така, ја повика Владата да ја изостри својата позиција во однос за спорот за името