Демократската Фракција на ВМРО ДПМНЕ ја поздравува големата победа на раководството на ДПМНЕ на партиската конвенција и изборот на кандидат за претседател на претстојните претседателски избори. Успехот е уште поголем затоа што зацртаното сценарио и очекуваниот епилог се реализирани 102,3 отсто според прецизните математички калкулации. Очекуваме принципиелните и победнички дневни политики на актуелното раководството на ДПМНЕ свое финале да добијат со завршувањето на претседателските избори кога ќе биде клекнат на колена кандидатот на СДСМ (без разлика дали е брат или сестра по прва или втора партиска линија на нашиот избран вмровски кандидат).
Одржаната партиска конвенција според добро зацртаната победничка стратегија го повтори успехот на Кумановскиот и Валандовскиот партиски конгрес кои и донесоа невиден успех на нашата партијата досега. Испиленото кукавичко јаце во гнездото на ДПМНЕ и партиските камикази учествувајќи на изборите за претседател на Северна Република Македонија ќе ја остварат историската победа на ДПМНЕ над соработниците на Зоран Заев. Овие верни послушни соработници и принципиелни политичари кои досега мошне успешно го оневозможуваа Талат Џафери во вршењето на претседателската функција на Собранието, а индиректно и на Републиката, со учеството на претседателските избори ќе му го зададат последниот удар.
Нашето задоволство е уште поголемо поради тоа што мошне успешно се реализира најголемиот дел од стратегијата „Едно општество за сите” или „Сите на куп”. И либералдемократи и соросоиди, и антигуревiсти и гуревисти со мали и тапи ножиња, и црвенковци и заевци, и порано и подоцна освестени патриоти и квази патриоти и шарени и безбојни. Сé на еден куп за конечна и достојна вечна победа, а по победата ставање на пиедестал на заговорниците и пропагандистите на ваквата вмровска ептен алтруистичка и народна политика ослободена од секакви калкулации, а новоизбраниот претседател на Република Македонија од нашите редови ќе има убава и ретка можност верно да се заколне пред Уставот на СРМ.