Раст на трошоците на живот за 1,2 отсто, на цените на мало за 0,7

Трошоците на животот во јануари 2019 година, во споредба со јануари 2018 година, бележи пораст од 1,2 отсто, а индексот на цените на мало бележи пораст од 0,7 отсто, објави Државниот завод за статистика.

Според објавените податоци трошоците на животот во јануари 2019 година, во однос на претходниот месец, бележат намалување за 0,1 отсто, а цените на мало 0,5 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот во јануари 2019 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај безалкохолните пијалаци за 1,4 отсто, маслото и маснотиите за 0,7 отсто, другите прехранбени производи за 0,5 отсто и млекото за 0,2 отсто.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај велосипедите за 7,2 отсто, течните горива за домаќинствата за 6,2 отсто, гасот за домаќинствата за 5,5 отсто, обувките, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства, услугите за сместување за 4,4 отсто, авионскиот превоз на патници за 4,1 отсто, книгите за 3 отсто, дисковите, касетите, дискетите, цедеата, филмовите за 2,6 отсто, телефонската и телефакс-опремата за 2,5 отсто, одржувањето и поправката на сопствените сообраќајни средства за 2 отсто, информатичката опрема за 1,9 отсто, парамедицинските услуги за 1,4 отсто, другите медицински производи за 1,2 отсто, рестораните и хотелите за 0,8 отсто, патниот сообраќај за 0,7 отсто, стоматолошките услуги за 0,4 отсто, услугите за одржување и поправки на станот и другите лични предмети за 0,3 отсто.

Пораст на индексите на трошоците на животот во јануари 2019 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 7 отсто, свежото и разладеното овошје за 0,9 отсто, лебот и житата за 0,4 отсто и месото за 0,2 отсто.

Во јануари 2019 година, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај болничките услуги за 8,5 отсто, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 2,9 отсто, услугите за одржување на станот за 2,1 отсто, автомобилите за 1,7 отсто, поправката на аудиовизуелната, фотографската и информатичката опрема за 1,4 отсто, игрите, играчките и хобијата за 1 отсто, големите електрични апарати за домаќинствата и малите електрични апарати за домаќинствата за 0,7 отсто, теписите и другите покривки за под, железничкиот сообраќај за 0,6 отсто, услугите за рекреација и спорт, услугите за култура за 0,5 отсто, ткаенините, снабдувањето со вода, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,4 отсто, материјалите за одржување и поправки на станот, мебелот и покуќнината, туристичките пакет-аранжмани за 0,3 отсто, терапевтските помагала, градините, растенијата и цвеќињата за 0,2 отсто.