ООН и земјите членки информирани за новото име

Новото име на земјава, Република Северна Македонија почна да се применува внатре, а стартуваше и процесот на информирање на меѓународната заедница за стапување во сила на Договорот од Преспа.

Македонија и Грција доставија заедничко писмо до генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, со кое го информираат за датумот на влегување во сила на Конечната Спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за Безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните.

ОН вчера потврдија дека го добиле известувањето и најавија дека веднаш за новото име ќе бидат информирани Советот за безбедност и Генералното собрание.

Во најкус можен рок, како што потврди МНР за МИА, за промената на името ќе бидат информирани и земјите-членки, државите набљудувачи на ОН, како и сите останати меѓународни организации.

Откако Македонија и официјално ја доби грчката вербална нота дека е завршена ратификацијата на Преспанскиот договор и на Протоколот за членство во НАТО, Владата во Скопје соопшти дека официјално почнува примената на новото уставно име Република Северна Македонија.

Гранични табли со името Република Северна Македонија за три дена, нови регистарски таблички за четири месеци, нови пасоши од крајот на годинава, а нови банкноти од 2020, се дел од мерките што треба да се применат по завчерашното стапување во сила на Договорот со Грција.

Натпис со новото име вчера беше поставен на преминот „Богородица“, на границата со Грција. На старата табла беше ставена налепница со новото име испишано на македонски и на англиски јазик. Се менуваат таблите и на останатите гранични премини.

Согласно планот на Меѓуресорската работна група формирана од Владата за извршување на обврските од Преспанскиот договор,  новите регистарски таблички за возилата се очекува да бидат издадени кон средината на мај, а патните документи кон крајот на годината.

Замената на патните документи и регистарските таблички со новото име на државата ќе бидат на товар на граѓаните.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вчера на прес-конференција појасни дека до издавањето на новите регистарски таблички ќе се користат налепници со ознаката НМК кои ќе им бидат давани на граѓаните на граничните премини при излез од државата.

Од друга страна, Министерството за внатрешни работи веднаш треба да ја започне постапката за набавка на новите патни документи.

Старите документи остануваат во важност до истекот на техничкиот рок утврден со Договорот од Преспа, а тоа се пет години. Ова значи дека секој граѓанин во рамки на редовната постапка кога ќе го менува пасошот, ќе го добие новиот и ќе ја плати цената која е редовна за замена на патните исправи.

Новото име во комуникација со медиумите веќ почнаа да го користат Владата и Собранието, а се очекува тоа да го сторат и останатите државни институции.

Ввладиниот Сектор за односи со јавност во рок од седум дена треба да изработи Книга на графички стандарди со која ќе утврди стандарди за визуелен приказ на уставното име Република Северна Македонија во склоп со државниот грб како лого кое го користат државните институции за јавните табли на влезот од сите институции. Генералниот секретаријат во рок од седум дена требатре изготви софтвер кој ќе ги содржи сите институции од државно и локално ниво, како и димензиите на јавните табли. Промената на сите табли, на централно и локално ниво, треба да се заврши во рок од четири месеци.

Сите институции треба да извршат промена на сите дигитални записи (логoа, меморандуми, електронски комуникации, веб страни, медиуми итн.) во рок од три дена. Сите институции треба соодветно да ги изменат меморандумите, печатените материјали, папките, индикаторите, во рок од две недели.

Министерството за надворешни работи, пак, треба да ги замени таблите во Министерството, како и печатите и штембилите во рок од две недели, а во дипломатско-конзуларните претставништва во рок од три недели.