Нов главен извршен директор и претседавач на Македонија 2025

 Нов главен извршен директор на организацијата Македонија 2025 е проф. Никица Мојсоска Блажевски, чие искуство во академијата и во јавната администрација, како истражувач, консултант и менаџер, се очекува да ги издигне програмите на кои работи тимот на организацијата на уште повисоко ниво.

– Ќе продолжам да го надградувам она што досега е сработено. Цврсто верувам во мисијата на организацијата и решена сум да извршам значајно влијание преку програмите и иницијативите, и да ја направам Македонија просперитетна и напредна држава за нејзините граѓани, вели меѓу другото Мојсоска Блажевски, соопштуваат од Македонија2025. Таа изразува задоволство од ангажираноста и мотивираноста на членовите на Одбор на директори на организацијата, кои, подвлекува, го поддржуваат нејзиниот план за силен раст за организацијата во следната деценија.

Како што стои во соопштението, после осум години посветено и одговорно работење кон остварување на мисијата на организацијата за градење на посилна нација, сегашниот Извршен директор Билјана Марковиќ Стаменова зад себе остава голем број успешно имлементирани програми и настани, како и цврста основа за иден развој на организацијата.

Инаку, од 2008 година организацијата има инвестирано еден милион долари во програмите за лидерски развој, со кои има извршено позитивно влијание врз повеќе од 500 претприемачи и менаџери. Исто така, имплементирани се и бројни програми за економски развој во вкупна вредност од три милиони долари, меѓу кои програми за зголемен извоз, трговски мисии, деловни конференции итн.

– Клучниот настан – Самитот Македонија2025 низ годините брои над 2.500 посетители и повеќе од 400 говорници ширум светот, со што стана најголема платформа за вмрежување и соработка, со цел зголемен иден развој на бизнисите во Македонија и регионот. Организацијата влегува во втората деценија од своето постоење со големи амбиции и очекувања, што се одразува и во денешното објавување на промените во менаџерскиот тим, се посочува во соопштението.

Роберт Арсов после четири години на позицијата претседавач на Одборот на директори и две години на позицијата потпретседавач, ја отстапува позицијата претседавач на Вера Ставроф, а самиот тој останува член на Одборот на директори.

– Среќна сум што станувам четвртиот претседавач на Одборот на директори, откако поминав две години работејќи како потпретседавач и се радувам на соработката со Никица кон градење на уште поголема организација и обезбедување уште позначајно влијание во земјата. Има многу работи кои сакаме и треба да ги направиме со цел да помогнеме на земјата и драго ни е што најдовме некој со искуството на Никица, кој може да ја води организацијата на долг рок, рече Ставроф.

Македонија2025 е меѓународна, независна, непартиска, непрофитна организација. Остануваме посветени на нашата мисија да помогнеме во создавањето на просперитетна економска клима во земјата и „посилна нација”, која, потенцираат од организацијата, ќе ги подобри можностите за граѓаните, компаниите и странските инвеститори. Промовираме, наведуваат, одржлив економски раст преку поттикнување на конкурентноста, претприемништвото, иновациите и лидерството базирано на вредности.