Меѓуресорската група донесе одлуки за спроведување на обрските од Договорот со Грција

 По оддржаниот прв состанок Меѓуресорската работна група за извршување на обврските од Преспанскиот договор донесе одлуки во врска со потребните мерки и активности за извршување на обврските на Република Северна Македонија со индикативни временски рокови за нивна реализација.

Согласно одлуките, како што соопшти Владата на Северна Република Македонија, Царинската управа треба да стави налепници на таблите на граничните премини, државната граница и на двата аеродроми в во рок од три дена, Секторот за односи со јавност при Владата на Република Северна Македонија во рок од седум дена да изработи Книга на графички стандарди со која ќе утврди стандарди за визуелен приказ на уставното име Република Северна Македонија во склоп со државниот грб како лого кое го користат државните институции за јавните табли на влезот од сите институции, а Генералниот секретаријат во рок од седум дена да изготви софтвер кој ќе ги содржи сите институции од државно и локално ниво, како и димензиите на јавните табли. Промената на сите табли, на централно и локално ниво, треба да се заврши во рок од четири месеци.

-Сите институции да извршат промена на сите дигитални записи (логoа, меморандуми, електронски комуникации, веб страни, медиуми итн.) во рок од три дена, сите институции треба соодветно да ги изменат меморандумите, печатените материјали, папките, индикаторите, во рок од две недели, а Министерството за надворешни работи, да ги замени таблите во Министерството, како и печатите и штембилите во рок од две недели, а во дипломатско-конзуларните претставништва во рок од три недели, се вели во соопштението.

Министерството за внатрешни работи треба да почне со издавање нови регистерски таблички, во рок од четири месеци. Во меѓувреме, како преодно решение, МВР ќе обезбеди налепници со ознака ‘NMK”  за регистерските таблички на возилата. МВР треба да преземе и мерки и активности за спроведување на решение во преодниот период до создавање технички претпоставки за издавање нови патни исправи. Издавањето нови пасоши треба да започне од крајот на 2019 година. Во преодниот период, МВР при излез од или влез во Република Северна Македонија, во постојните и новоиздадените во преодниот период патни исправи ќе става печат кој ќе појасни дека патните исправи припаѓаат на Република Северна Македонија.

-Народната банка со оглед на комплексноста на постапката треба да направи анализа и план на неопходните активности за постепена замена на банкнотите, со оценета временска динамика, во рамките на редовните нови емисии, водејќи сметка за макроекономската стабилност, а првите нови банкноти со новото име на Народната банка би можеле да бидат изготвени на почетокот на 2020 година. Потоа, сукцесивно, да бидат целосно заменети најдоцна во рок од пет години од отварањето на релевантното ЕУ поглавје.

Сообраќајните знаци на меѓународните патни правци во земјата, давајќи предност на ендонимите (во англиска транскрипција) врз егзонимите (на македонски јазик во кирилско писмо) да се променат во рок од два месеци. Во рок од шест месеци треба да се направи преглед и ревизија на статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктура и доколку се однесува на античката хеленска историја и цивилизација како дел од историското наследство на Грција, да се преземат соодветни корективни мерки и активности. Во рок од шест месеци, треба да се пристапи кон отстранување на симболот истакнат на поранешното национално знаме од целиот јавен простор и јавна употреба. Археолошките артефакти се изземени.