ВМРО-ДПМНЕ бара надзорна расправа за начинот на носење на годишната програма на Министерството за култура

Во текот на вчерашниот ден, пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата во Собранието на Р. Македонија поднесе барање за оддржување на надзорна расправа за начинот на носење на годишната програма на министерството за култура за проекти од национален интерес за културата во Македонија и реализацијата на програмата за култура за 2018 година.

СДСМ продолжува да ја закопува културата во калта. Не само што немаат чувство за припадност кон сопствената култура, ами со постапките и изјавите кои ги даваат покажуваат и елементарно непознавање на законите од областа на културата. Она што минатата година го правеше министерот Алаѓозовски, сега советник за култура на Премиерот, се рефлектираше и оваа година уште посилно преку членовите на комисиите, а членови на СДСМ.

Министерството за култура во текот на вчерашниот ден информираше дека конкурсот нема да се поништи, но пари ќе добијат и други проекти. Дел од комисиите излегоа со став дека нема да поддржат други проекти, а дел дека ќе поддржат.

На што личи ова? Каде води ваквиот начин на функционирање? Како може некој да изјавува дека ќе, или нема да поддржи проекти кога во министерството не се ни пристигнати жалбите на одбиените уметници или институции? Како воопшто може министерот и комисиите да си дозволат да одлучуваат без претходно да изготват решенија со кои ги информираат уметниците дали имаат добиено средства, или се одбиени, нормално со соодветно образложение.Врз основа на кој член од кој закон носите одлука да вршите ревизија на оние проекти кои не се одобрени, а за кои имало реакција? А за оние за кои немало реакција, а за кои се доделени огромни суми, како ќе се ревидираат?

Кои се Вашите критериуми во оваа следна фаза на раскрчмување на културата? Во оваа држава постојат закони, или барем постоеја се додека СДСМ не дојде на власт.

Ако се ревидира, треба да се ревидира целата програма.

Со Вашето однесување културата ја истретиравте како да е пазар.

Повторуваме уште еднаш, со ваквото Ваше однесување овој сериозен проблем сакате да го сведете на административна грешка. Не, овде не се работи за административни пропусти и суштината на овој голем проблем не е само во одбиените проекти. Проблемот е во програмата за која нема и не треба да стивнат реакциите од ниту една фела, програма која веќе ја донесовте, а со која ја уништувате културата и уметноста. Ги уништувате настаните кои се препознатлив белег на Македонија.