Заев – Биркл: УСАИД ја продолжува поддршката за земјата со нова стратегија и програми

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска ги прими во посета амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Џес Бејли и новоименуваната вршителка на должност претставник на Канцеларијата на УСАИД во Република Македонија, Гречен Биркл, која истовремено е и Заменик помошник администратор за Европа и Евроазија на оваа агенција.

Како што соопшти владината прес-счужба, премиерот Заев ѝ посакал добредојде и успешен мандат на Биркл како в.д. претставник на Канцеларијата на УСАИД во Република Македонија, и истакнал дека е убеден дека и во наредниот период, како и досега, УСАИД ќе го потврдува и негува длабокото и долготрајно партнерство меѓу народите на нашата земја и на САД.

-Претседателот на Владата на РМ, Заев потенцираше дека повеќе од 25 години, УСАИД дава голема поддршка почнувајќи од првите проекти на Агенцијата за поддршка на локалните земјоделци и градење на нови демократски институции, и учествуваше во речиси секој аспект на македонската економија и општество. Во соработка со граѓанските организации, приватниот сектор и владата, УСАИД помогна во зајакнувањето на демократските процеси, институциите и граѓанското општество, и ѝ помогна на Република Македонија да ги изгради своите капацитети соодветно на потребите на едно модерно општество, нагласил премиерот Заев и додал дека оваа средба се остварува на ден кога сојузниците на НАТО го потпишуваат Протоколот за пристапување во членство во Алијансата, што претставува нова реалност и нови перспективи за земјата која наскоро сите ќе ја препознаваат како Република Северна Македонија.

В.д. претставничката на Канцеларијата на УСАИД Биркл истакнла дека е навистина привилегија да се сретне со премиерот на овој важен ден за Република Македонија, и додала дека УСАИД ја продолжува поддршката за земјата со нова стратегија и програми.

Биркл најавила организирање на координациска активност на донаторите, за која побарала учеството на Владата на РМ да биде фокусирано на испорака на најважните приоритети на земјата, за да се добијат максимални ефекти од донаторските програми на УСАИД и на другите агенции и земји донатори, при што нагласила дека од интерес на агенцијата што ја претставува е развивање и поддршка на проектите со јавно-приватно партнерство, како концепт кој ги обединува интересите на граѓаните и нивните заедници, со интересите на јавните институции и на приватниот бизнис, се наведува во соопштението.