Османи во САД на Молитвен појадок, средби во Белата куќа и во Конгресот

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи оваа недела ќе престојува во неколкудневна работна посета на Вашингтон, во рамките на која ќе учествува и на традиционалниот Молитвен појадок во организација на американскиот претседател Доналд Трамп.

Како што соопштија од кабинетот на вицепремиерот, во рамките на посетата Османи ќе оствари средби и со високи претставници на администрацијата на Белата куќа, меѓу кои и со заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер, како и со Вилијам Беркли директор за НАТО и европски прашања во  Националниот совет за безбедност при администрацијата на Белата куќа.

Планирана е посета и на американскиот Конгрес, каде Османи ќе оствари средби со бројни конгресмени и сенатори, меѓу кои и со конгресменот Стив Стилерс, кој до јануари оваа година ја вршеше функцијата претседател на Националниот републиканскиот комитет во Конгресот на САД, потоа со конгресменката Деби Дингел ко-претсредавач со Демократскиот комитет за креирање политики во Конгресот на САД, а централна посета на Конгресот ќе биде средбата со новиот претседавач со Комитетот за надворешна политика во Конгресот – Елиот Ејџел.

Во рамките на посетата Османи ќе учествува и на тркалезната маса пред претставниците на една од највлијателните тинк-тенк организации во САД чија тема е соработката на САД и Европа – „Германскиот Маршалов Фонд“ (German Marshal Fund), каде ќе има обраќање на тема „Следните чекори: Македонија на пат кон демократските реформи и членството во НАТО и ЕУ“.

На Агендата на Османи се и посетите на најголемите американски меѓународни институти, каде ќе оствари средба со Пол МекКарти, регионален директор за Европа при Меѓународниот републикански институт (ИРИ), како и со Шери Брајан, потпретседател на Демократскиот национален институт (НДИ).

Посетата на Османи на САД доаѓа во еден од најважните периоди за европската и евроатлантската иднина на земјава, по усвојување на Договорот од Преспа од страна на Македонија и Грција, со што се расчистува патот за евроатлантската интеграција на земјава, стои во соопштението.