Владата усвои план за извршување на обврските од Договорот од Преспа

Владата на Република Македонија  ја разгледа Информацијата за извршување на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните, односно Договорот од Преспа.

Од владината прес-служба информираат дека со одлуките поврзани со имплементацијата на одредбите од Преспанскиот договор се предвидуваат сет мерки и активности што треба да ги преземе Владата на РМ, како и сите други органи на државната управа и државните институции, а кои произлегуваат од усвоените амандмани на Уставот на Република Македонија и кои ќе стапат на сила седум дена по влегувањето во сила, односно веднаш после ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО од страна на Република Грција и кои ја регулираат употребата на новото уставно име согласно амандманите.

Согласно овие заклучоци, надлежните министерства, државни органи и институции, јавните претпријатија и акционерските друштва во сопственост на државата во предвидениот рок по стапувањето на сила на амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија, ќе треба да извршат промена на таблите на граничните премини и државната граница на нашата земја, на дипломатско-конзуларните претставништва, како и на влезовите на институциите.

За истата таа постапка, соодветни препораки ќе добијат и единиците на локалната самоуправа, додека пак, секторите и службите за односи со јавност на државните и јавните институции ќе добиваат насоки за употреба на уставното име согласно усвоените амандмани.

Една од одлуките за оваа точка, како што наведуваат, е и обврската државните органи да формираат работни групи за утврдување на натамошните мерки и активности за извршување на одредбите на Договорот од Преспа, а Генералниот секретаријат на Владата на РМ доби задолжение да формира Меѓуресорска група која ќе треба да изработи сеопфатен Национален акциски план за понатамошните мерки и активности за извршување на обврските на Република Македонија кои произлегуваат од договорот со Грција.

Во соопштението се наведува дека како дополнување на оваа точка, на седницата е предложено и прифатено овие обврски за извршување на одредбите од Преспа да се усогласат и со Законот за употреба на јазиците.