Плетнер: Ратификацијата на Договорот од Преспа е победа на демократијата

 Амбасадорот на Германија во Атина, Јенс Плетнер, во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА вели дека ратификацијата на Договорот од Преспа е „победа на демократијата“, додава дека станува збор за добар договор, чија имплементација ќе донесе придобивки и за Грција и за поширокиот регион и истакнува дека токму во таа насока сака да даде придонес и германската влада, јави дописничката на МИА од Атина.

-Од страна на германската Влада е јасно дека двајцата премиери дејствуваа со многу храброст, дејствуваа токму онака како што прилега за еден државен лидер, вели германскиот амбасадор и потенцира дека иницијативите на двајцата премиери го заслужуваат „нашето највисоко признание“.

Во однос на реакциите во Грција, германскиот амбасадор вели Германија е свесна за тешкотиите и чувствителноста на многу Грци за конкретното прашање, но изразува надеж и убеденост дека набргу, дури и оние кои се противат ќе констатираат дека е добар договор не само за соседната земја туку и за Грција, за Северна Грција и за цела Европа.

-Иако беше тешка одлука, сепак, мислам дека тоа беше храбра и правилна одлука, а јас сум апсолутно убеден дека за неколку години дури ќе има дури и во грчката јавност мнозинство што ќе го тврди истото , германскиот амбасадор во Атина, Јенс Плетнер во интервјуто за АНА-МПА.