Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг го известил министерот за надворешни работи Никола Димитров дека во подготовка е Пристапниот протокол кој е предвидено наскоро да биде потпишан од страна на постојаните претставници на земјите – членки на Алијансата по што ќе следи и покана до Димитров за присуство на церемонијата на потпишување на Протоколот.
Од македонското Министерство за надворешни работи информираат дека Столтенберг испратил возвратно писмо до Димитров со кое го потврдува приемот на писмото на Димитров од 21 јануари во кое од македонска страна е изразена подготвеноста и способноста на државата да ги прифати и почитува обврските и заложбите за членство на Република Македонија во НАТО.
– Со потпишувањето на Пристапниот протокол започнува следната фаза од пристапниот процес, по што следи ратификација на Протоколот во националните парламенти на земјите членки на Алијансата, појаснуваат од македонското МНР.