Регионалната одбранбена соработка со осврт на заедничкиот придонес во операцијата „Одлучна поддршка во Авганистан“, како и актуелната безбедносна состојба и предизвиците со кои се соочува регионот, ќе бидат дел од темите на состанокот на министрите за одбрана на САД – Јадранската повелба што ќе се одржи во петок во Охрид.
На состанокот ќе се обратат премиерот на Република Македонија Зоран Заев, министрите за одбрана или официјални претставници на САД, на земјите членки – Албанија, БиХ, Хрватска, Македонија, како и министерот за одбрана на Бугарија и министрите за одбрана или официјални претставници на земјите набљудувачи Косово, Србија и Словенија.
Министерската конференција ја илустрира континуираната соработка на највисоко ниво во областа на одбраната меѓу земјите од Јадранската повелбаод, САД и државите набљудувачи. А5 форумот поттикнува заеднички и координирани напори за што побрзо исполнување на критериумите и стандардите на НАТО и развој на активности насочени кон унапредување на меѓусебната соработка и градење на мирот, демократијата, стабилноста и просперитетот во регионот.
На форумот, меѓу другото, ќе се разговара и за унапредување и зајакнување на родовата перспектива во министерствата за одбрана и вооружените сили, како и родовата перспектива во операциите за поддршка на мирот.
Како што информираа денеска од Министерството за одбрана, овој настан претставува одлична прилика за реафирмација и конкретна поддршка од сите земји на намерите и заложбите на Република Македонија за постигнување полноправно членство на НАТО.
На иницијатива на Република Македонија во рамките на Самитот на НАТО во Прага 2002 година претседателите и министрите за надворешни работи на Македонија, Албанија и Хрватска ја промовираа и прифатија иницијативата неформално наречена Охридско-јадранска.
Соработката во одбраната во А3 контекст започна по потпишувањето на Повелбата за партнерство помеѓу САД, Албанија, Хрватска и Македонија во 2003 година од страна на министрите за надворешни работи на трите земји. Во рамките на македонското претседавањето со Јадранската повелба на маргините на 63. Генерално собрание на ОН во 2008 година беше донесена одлука за упатување покана за членство во Јадранската група на Црна Гора и Босна и Херцеговина. Во јануари 2009 година првпат беше усогласен партнерски план за имплементација на САД-Јадранската повелба во нов формат А5 во кој беа вклучени и новите земји членки на групата, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Јадранската повелба се базира на заедничка визија за стабилност во ЈИЕ и полноправно членство во евроатлантските интеграции. Основната идеја на Повелбата е интензивирање на меѓусебната соработка помеѓу земјите од А5 под покровителство на САД и полноправно членство во НАТО.