Заев-Сорос: Македонија презеде клучни чекори за стабилност, безбедност и економски развој

Премиерот Зоран Заев, во рамки на економската и политичка агенда на Светскиот економски форум во Давос, се сретна и разговараше со филантропот и финансиер Џорџ Сорос, основач на Фондациите Отворено општество (ФОО) и со Патрик Гаспар, претседател на ФОО.

-Зачленувањето на Република Македонија во НАТО и интеграцијата кон Европската Унија беа оценети како клучни чекори кои обезбедуваат стабилност и сигурност за земјата и за регионот, и ја отвораат вратата за нови  странски инвестиции, за развој на македонската економија и за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, соопшти владината прес-служба.

Заев и Сорос разменилие идеи за интензивирање на соработката меѓу Владата и Фондациите Отворено општество со цел обезбедување подобри капацитети за грижа и за предучилишно образование за децата и за поголема вклученост на граѓаните Роми во разни сфери на општествените текови во Македонија.

Во разговорот, како што е наведено во соопштението од Владата на РМ, била истакната важноста на Националната стратегија за едно општество и мултикултурализам, како и потребата од интензивно учество на граѓанскиот сектор во креирање и спроведување на Стратегијата, со цел да се поддржи општествениот тренд на унапредување на довербата и комуникацијата меѓу различните граѓани и заедници во Република Македонија .