Царовска: Процесот на деинституционализација почна од Демир Капија и Домот за доенчиња во Битола

Во првата половина од следната година се очекува првите штитеници од Демир Капија, со кои се работи во претходните четири месеци, да ја напуштат оваа институција и да се згрижат соодветно надвор од институцијата.

Ова го најави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска одговорајќи на новинарски прашања на доделувањето на новогодишите пакетчиња на деца сместени во институции под надлежност на ресорното Министерство.

– Процесот на деинституционализација или процесот на трансформирање на големите нехумани институции е почнато. Во фокусот се децата во „Демир Капија“ и бебињата од Битола како прв излез и потоа ќе се оди група по група и сите да добијат соодветно сместување, рече министерката Царовска и додаде дека ќе се направат обиди големите институции да се трансформираат  до 2020 година и да нема ниту една таква.

Појасни дека во заводот во „Демир Капија“ веќе се работи четири месеци. Со децата работи тим од дополнителни 15 негуватили и стручни лица, кои работат на нивно осамостојување, и се очекува првите излези од таму да бидат во првата половина на 2018 година.

Оцени дека тоа е процес што трае и оти нема да се оди итно затоа што се сака да биде стабилен и да се сигурни дека до 2020 година ќе се трансформираат најнехуманите меѓу кои се смета  „Демир Капија“.

Министерката вели дека процесот се работи заедно со вработените и уверува оти сите ќе добијат подобри услови и за работа и за сместување.

– Носиме стратегија за сите големи. Одиме со самостојно живеење со поддршка во заедницата како една форма. Згрижувачко семејство е најпосакуваната форма и ќе имаме кампања за поттикнување на семејства да се пријават како згрижувачи и третата е мали групни денови, изјави Царовска.

За домот за доенчиња во Битола потенцира дека тоа е една тема која бара јавна дискусија и дека не треба да се дозволи децата што се раѓаат да бидат институционализирани, бидејќи, како што рече, тоа има влијание на нивниот развој и ги губиме како ресурс во општеството.

За згрижувањето во семејства како форма истакна дека е најдобра и најтопла и посочи дека во Министерството се работи бројот на згрижувачки семејства да се зголеми за што поголем број бебиња да се извадат од Домот во Битола. Според неа бројот на активни згрижувачки семејства во моментов изнесува над 100.

Покрај деинституционализацијата на децата во „Демир Капија“, Царовска, информира дека се работи и на деинституционализација на три деца во Заводот во Топанско поле и да се згрижат на почетокот на јануари.