Животната и деловната приказна за бизнисменот Стив Пљакас

ЖИВОТНАТА И ДЕЛОВНАТА ПРИКАЗНА ЗА БИЗНИСМЕНОТ СТИВ ПЉАКАС

Во повеќе продолженија во порталот „Македонска нација“ ќе се обидовме да   го претставиме животот и делото на еден од најистакнатите Македонци на северноамериканскиот континент бизнисменот Стив Пљакас, кој е роден во егејска Македонија, а живее во Канада. Преку неговото монографско дело на англиски и македонски јазик, насловено како „Стив Пљакас“ од авторот на овие редови, Славе Катин, а во издание на Издавачката куќа „Македонска искра“ од Скопје, во 2017 година, читателите ќе бидат запознати со бројни аргументи и факти за делото на Стив Пљакас како бранител на вистината за Македонија

Кога се пишува за Стив Пљакас треба да се потенцира дека тој е особено активен во промовирањето на демократијата во Македонија, за заштита на македонското име, знаме, Устав, а е и промотор за признавање на Македонија како суверена, независна и самостојна држава на Балканот и на македонската вистина во светот. Тој се гордее дека е Македонец. Тој остварува блиски контакти со повеќе познати личности, дипломати и организации во светот во врска со моменталните настани и состојби во татковината и се бори за просперитетна  иднина на Република Македонија.

Стив Пљакас е човекот на кого Македонија му е големата љубов. Тој не отстапува и го брани сè она што е поврзано со античка Македонија. Со неговата посветеност за зачувување на древните македонски корени, насекаде во светот ја раширил вистината за античка Македонија. Меѓу другото, заедно со професорот Мајкл Димитри се првите ентузијасти кои во 1995 година ги посетија и ги открија Калешите (Хунзите) во Пакистан, народ  кои се смета за потомци на Александат III Македонски (Велики).

d2

По осамостојувањето на Република Македонија, господинот Пљакас активно се вклучува во македонската политичка сцена, а на меѓународен план е еден од најголемите борци за зачувување и негување на националните интереси на Македонците во Македонија, на Балканот и ширум светот. При што особено внимание посветува на националниот и заедничкиот напредок и соживот на сите Македонци, без разлика на нивните политички, религиозни и други разлики по место на раѓање и живеење. Затоа, постојано вели дека ние ја имаме само Македонија, која за сите Македонци е една и единствена.

Во овие мигови на распетие на Македонија, кога Република Македонија е меѓународно призната,  иако  не  под  нејзиното  уставно  име, тој ги изложува своите погледи за нејзиниот натамошен демократски развој како суверена, самостојна и независна држава на овие балкански ветрометини.

Стив Пљакас, или Стево Пљаков, како што тој милува да се претстави е канадски Македонец, или македонски Канаѓанец по потекло од убавото македонско село Зелениче, Леринско, од егејскиот дел на Македонија. Тој е исклучително позната, призната и неодминлива личност меѓу Македонците во Канада и Соединетите Американси Држави.

Бизнисменот Стив Пљакас е еден од најистакнатите Македонци кои се иницијатори, организатори и големи борци за афирмација и за одбраната на македонското многувековно име, на Македонците ширум светот, на Македонската православна црква и на духовниот живот чии корени се уште од мисијата на апостол Павле во македонската земја, уште пред две илјади години.

Стив Пљакас е човекот кој со многу чувства и родољубие гледа на сè она што е поврзано со неговата дедовска земја, етничка Македонија. Во исто време, тој е бранителот и афирматорот на историјата и честа на македонскиот народ и Македонија во светот, посебно во Канада, а во последните години и во Соединетите Американски Држави (на Флорида), каде престојува во зимските месеци од годината.

Работата и многугодишниот најразновиден ангажман со силен порив и признателност во македонска заедница во Канада, а и на Флорида, е поттик и пример како се афирмираат националните достоинства на северноамериканските простори. Во импресивниот биланс, меѓу другото, се сместуваат организирањето на хуманитарни активности за спонзорирање на истражувачки работи од областа на историјата, културата, духовното живеење, спортот, собирите, пикниците и други активности за голема промоција и за исклучителна презентација на Македонците во дијаспората.

Стив Пљакас многу одамна стана член, а подоцна и претседател на организацијата „Обединети Македонци“ во Торонто,  една од најстарите македонски организации во Северна Америка. Во времето кога беше претседател се одржаа Средбите на протераните Македонци од егејскиот дел на Македонија Потоа беше претседател на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто.

Исто така беше претседател и најголем спонзор на Комитетот за олимписките игри од Канада. Тој даде значајна финансиска помош за Македонците олимпијци на олимпијадите во 2004 година во Атина, и во 2008 година во Пекинг. Стив Пљакас е човекот кој го носеше македонското знаме пред македонските спортисти на двете олимпијади и беше најсрекниот Македонец во светот.

Меѓу другите активности во новата средина во Канада, Стив Пљакас стана член на масонската ложа во Њумаркет. И како масон е познат поборник за човековите права, а со тоа за правата на Македонците во Канада и во сите делови на Македонија и во светот.

Македонската заедница во Торонто постојано ја промовира дедовската земја – Македонија, македонската нација, нејзината историја, литература, религија,  јазик култура, а во исто време и вистината за постигнувањата во новата мултиетничка демократска Канада.

Затоа со право се вели Стив Пљакас ја обедини Македонската заедница во Торонто и пошироко, преку најразлични активности и преку спонзорирање на социо-културни настани. Исто така, тој соработува со канадските власти за унапредување на правата на Македонците во Канада и претставува мост меѓу Канада и Република Македонија.

d3

Споменик на Александар Македонски

Стив Пљакас е роден на 2 јуни 1940 година во селото Зелениче, Леринско, во егејскиот дел на Македонија и бил сведок на македонското партизанско движење за слобода. Но, во исто време бил и сведок кога грчкиот фашистички поредок  го направи црното сценарио за да прогони, да ги исели, а со тоа да ги избрише Македонците од својата земја, од своите вековни дедовски корени, а на нивно место да досели православни Турци (Просвиги).

Познатиот македонски бизнисмен Стив Пљакас заедно со својата сопруга Лили ја најдоа и ја почувствуваа слободата, демократијата и вистинскиот слободен живот во Канада. Затоа, тие се посветени канадски жители, почитувани, познати и признати граѓани на демократското мултикултурно канадско општество. Тоа им даде крилја тие да бидат големи хуманисти, донатори на многу важни национални и културни манифестации во Канада и Соединетите Американски Држави каде живеат и работат многубројни Македонци од сите делови на Македонија.

Стив Пљакас долги години работи за Македонија, за Македонците и македонското прашање обединувајќи ги македонските иселеници и Македонците во соседните  земји  со  спонзорирање на социо-културолошки настани. Тој особено се грижи за своите сонародници во егејскиот и пиринскиот дел на Македонија, Македонците од Мала Преспа и на други места ширум светот.

Притоа, донирал средства за хуманитарни и други организации во Република Македонија, меѓу кои и апарат за дијализа. Спонзорирал информативни гласила, портали, организации, цркви и друг вид асоцијации во неговата родна земја и насекаде во светот каде живеат Македонци. Тој е човекот кој е сопственик на големиот и единствен трговски центар „Македонија“ во Њумаркет. Впечатливо дизајнираните рекламни табли на центарот „Македонија“, кој за многумина е место за препознавање и запознавање со Македонија.

Затоа со право се вели дека Стив Пљакас  навистина е Македонец кој се посветил на националното прашање. Тој, со своето знаење, со својата Господова дарба, интелигенција, итрина и приспособливост во новите демократски услови, успешно се приспособил на приликите во Канада.

d4

Воден од љубовта кон татковината и од нејзиното сонце, како Големиот Александар Македонски, тој е мошне активен и во Македонија. Цели години од осамостојувањето на Република Македонија, тој со срце, душа и голема љубову чествува во политиката, културата, медиумите и воопшто во социјално-општественото живеење и опстојување на својот народ и својата татковина.

Македонците во дијаспората, особено во Канада и Соединетите Американски Држави, поседуваат потенцијал и капитал да го зголемат присуството на македонските фирми во новите средини и да бидат македонски промотори кај канадските инвеститори и бизнисмени.

Тоа е особено изразено кај Стив Пљакас кој по осамостојувањето на Република Македонија, активно се вклучи на македонската политичка и економска сцена.  На меѓународен план е еден од најголемите борци со директни ангажмани за зачувување и негување на бизнис интересите на Македонците во земјава и во светот, при што покрај бизнис зделките, посебно  внимание посветува на националниот напредок.

Оваа година Стив Пљакас го слави своето седумдесет и осмо лето Господово на неговиот бурен живот, за кој со право се вели дека е еден од најуспешните македонски активисти и бизнисмени во светот. Исто така, Стив и Лили Пљакас прославија 50 години од нивниот заеднички брак. Затоа и монографијата е посветена на овие два значајни јубилеи на благородното семејство Пљакас (Пљаков), за кое  се презентирани бројни текстови, документи, фотографии и други материјали со кои авторот се потруди монографијата да ја претстави како огледало на животот и делото на Стив и Лили и нивното почитувано семејство.

Продолжува

d5

Пишува: СЛАВЕ КАТИН