Мицотакис: Договорот од Преспа претставува голема национална отстапка

Претседателот на најголемата грчка опозициска партија, Нова демократија, Кирјакос Мицотакис на денешната расправа во Парламентот за гласање доверба на Владата, го повтори неговиот став дека давањето глас за доверба значи „да“ за Договорот од Преспа, „што претставува голема национална отстапка“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Формалниот наслов на денешната седница е давање доверба на Владата, но во реалноста, станува збор за последниот чин од претставата од изминатите четири години на товар на грчкиот народ. Беден театар поставен од Алексис Ципрас и Панос Каменос со три цели: прво, СИРИЗА да добие уште неколку месеци власт, второ, да се ратификува Договорот од Преспа и трето да се задржи како пратеничка група формацијата Независни Грци, за да може лидерот да ги задржи неговите привилегии, рече Мицотакис.

Лидерот на Нова демократија, му одговори на Ципрас во однос на тврдењето на грчкиот премиер дека постоела национална линија во разговорите за името.

-Вие господине Ципрас, на Скопјаните им отстапивте македонски идентитет и македонски јазик. Навистина, кога ова беше дел од националната линија? Зошто некои рекоа „не“ кога беа побарани овие работи, а вие рековте „да“? И ја изобличувате сега историјата и текот на оваа партија?, му одговори Мицотакис на Ципрас.

Паралелно упати обвинувања и до неодамнешниот коалициски партнер во Владата, Панос Каменос, за кој рече дека заедно со Ципрас се соработници и ќе треба да се оправдаат пред грчкиот народ, но и пред историјата.

-Господинот Каменос, кого не го гледам сега во салата, можеби отиде да се причести. Господинот Каменос кој сега гласно и интензивно го брани името на Македонија, заборави дека кога можеше да ја бутне Владата по иницијативата што минатиот јуни ја доставивме за гласање недоверба, секако тогаш ја поддржа. И денес заедно го потпишува гласањето на Договорот од Преспа, бидејќи во суштина ги има отстапено неговите пратеници, давајќи ви глас за доверба што толку го баравте, рече претседателот на Нова демократија.

Мицотакис му порача на Ципрас дека ако добие 150 или помалку гласови, тогаш Владата ќе биде без мнозинство и ќе треба земјата да ја одведе на избори.