Договорот од Преспа ги раздели Ципрас и Каменос

Изгласаните уставни измени во македонското Собрание и префрлената топка на соседниот терен, донесоа турбуленции во грчката Влада и бурен ден во Грција, но и најава за уште побурна седмица со гласање доверба на Владата на премиерот Алексис Ципрас, а веројатно веднаш потоа и ратификација на договорот, јави дописничката на МИА од Атина.

Договорот од Преспа ги раздели коалициските партнери. Панос Каменос по вчерашната 40-минутна средба со Ципрас во премиерската палата соопшти дека се повлекува од Владата образложувајќи дека „прашањето на Македонија не му дозволува да не ја жртвува фотелјата“ и си даде оставка од позицијата министер за одбрана.

Алексис Ципрас пак, решен да оди до крај. Продолжува со надеж дека Владата ќе го истурка четиригодишниот мандат се до октомври и затоа ќе бара поддршка од Парламентот.

– Ја донесов одлуката, го известив претседателот на Парламентот дека набргу ќе пристапиме кон процесот предвиден од Уставот и правилникот на Парламентот, за обновување на довербата на мојата Влада, за да одиме напред со апсолутно мнозинство, рече Ципрас во изјавата по средбата со Каменос.

За оваа негова одлука тој веќе го извести и претседателот на Парламентот, Никос Вуцис кој денеска на состанокот со неговите потпретседатели ќе предложи почеток на седницата во вторник напладне и гласање доверба на владата во среда навечер.

Независни Грци нема да гласаат за доверба на Владата, соопшти лидерот на партијата Панос Каменос, кој за причините за овој став и за повлекувањето од коалицијата говореше на прес-конференција, час и половина по средбата со Ципрас.

– Во конкретниот момент кога се поставува прашањето за доверба за Владата, но во суштина јасно се крие прашање за доверба за Договорот од Преспа, со тежина на срцето, велиме „не”, рече Каменос, кој уште еднаш го повтори неговиот став дека тие не можат да поддржат и не се согласуваат со решение што го содржи терминот Македонија, но повторно го спомена и неговиот предлог и во Грција да се одржи референдум за Договорот од Преспа.

Во однос на Договорот од Преспа, Каменос рече дека не е ништо друго освен прелиминарен договор, што е противуставен, бидејќи не е потпишан од претседателот.

На прашањата на дописничката на МИА од Атина, која е неговата проценка дали Договорот од Преспа ќе помине во грчкиот Парламент, Каменос не даде јасен одговор, додека во однос на тоа дали Независни Грци би го поддржале протоколот за наше членство во НАТО, кусо и категорично одговори „не”.

На прес-конференцијата одржана во хотел во центарот на Атина, присутни беа четворица пратеници на Независни Грци, од кои сигурно е дека тројца ќе го следат неговиот пат, додека пак отсуствуваа министерката за туризам Елена Кундура и заменикот министер за земјоделство Василис Кокалис.

Од најголемата грчка опозициска партија, Нова демократија, за последните случувања во грчката Влада коментираа дека станува збор за режирана разделба на Ципрас и Каменос, „претстава што има за цел ратификацијата на Договорот од Преспа, останување на СИРИЗА на власт и задржување на фотелјите од страна на Каменос и неговите пратеници”.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, проценките на официјална Атина се дека Владата ќе добие 151 глас колку што е потребно за изгласување доверба.