Заев се сретна со Харадинај во Приштина

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај се сретнал денеска со премиерот Зоран Заев, на кому му честитал за, како што напиша на својата страница на Фејсбук, успешното заокружување на договорот со Грција, со кој се стави крај на спорот за името, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Се сретнав денеска со мојот хомолог од Република Северна Македонија, Зоран Заев, кому му честитав за успешното заокружување на Преспанскиот договор, кој ѝ гарантира на соседната држава јасна евроатлантска перспектива. Косово останува посветено на градењето на еден стабилен регион и во тој правец односите со официјално Скопје се одлични, напиша Харадинај, кој објави и слики од средбата со Заев.

Ккао што изјави за МИА портпаролот на македонската Влада Миле Бошњаковски, Заев имал кратка неформална средба со премиерот Харадинај на аеродромот во Приштина, непосредно пред неговото полетување за Германија, каде ќе  помине неколку слободни денови во приватен аранжман.