Почнува финалната фаза од уставните измени

Двотретинското мнозинство за уставните амандмани останува неизвесно пред денешното отпочнување на пленарната седница на македонското Собрание на која со нивно изгласување треба да се заокружи имплементацијата на Преспанскиот договор.

Од опозициските албански партии БЕСА на Касами вчера на прес-конференции во Собранието потврди дека продолжуваат со разговорите во врска со нивните барања, со кои ја условуваат поддршката од нивните двајца пратеници за уставните измени.

На прашањето дали ќе ги поддржат предлог амандманите на Владата доколку не се прифатат нивните предлози, пратеникот на БЕСА Фадил Зендели вчера изјави дека ќе видат во текот на дебатата, за тоа како ќе се одвива целата постапка.

-Тоа е прашање на дебата. Не можам да прејудицирам, да оставиме простор во утрешната дебата и наредните денови, како ќе рефлектира мнозинството и Владата. Ние потоа ќе излеземе со соодветен став, рече Зендели нагласувајчи дека нивните барања се суштински, а не се поднесени про форма и оти цврсто стојат на тие барања.

Премиерот Зоран Заев на средбата вчера попладне со лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села изјави дека го прифатил предлогот на Села што се однесува на делот на преамбулата „граѓаните коишто живеат во границите“, посочувајќи дека конечната формулација ќе биде „граѓаните на Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, дел од турскиот народ, дел од влашкиот народ…“

Заев рече дека на средбата било потврдено оти Алијансата за Албанците ќе даде поддршка уставните амандмани и уставниот процес во Собранието, изразувајќи уверување дека истото ќе се случи и со Беса.

Села нагласи дека неговата партија останува на истата позиција за членство на Македонија во ЕУ и НАТО, но нема да се откажат од барањето за албанскиот јазик.

Изрази задоволство поради постигнатиот договор околу менувањето на преамбулата што се однесува на „граѓани коишто живеат во границите“.

На новинарското прашање дели ќе дадат поддршка на уставните амандмани, Села посочи дека тоа ќе се дознае на денот на гласањето во Собранието.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи вчера пред состанокот на Работниот комитет за евроинтеграциите на новинарско прашање да даде коментар за барањата на БЕСА и Алијансата на Албанците во врска со уставните измени  истакна дека тој не смета оти албанските политички партии се дел од тие фактори што сакаат да го уништат процесот, но напомена дека најлошата услуга што во моментов би им се направила на Албанците е да се даде порака дека тие го кочат членството на Република Македонија во НАТО.

– Нема поважен етнички интерес за Албанците од членството на Македонија во НАТО. Тоа е поголем и поесенцијален  интерес на Албанците над секој друг етнички интерес во моментов, бидејќи тоа е гаранција дека Албанците ќе бидат дел од западноевропското семејство на вредности кон кое со генерации тежнеат да бидат, рече Османи.

Ваквите обвинувања дека се кочничари на интеграцијата на земјата во НАТО ги отфрлија и БЕСА и Алијансата. Според Зендели, тие ја поддржавме иницијалната постапка за уставните измени, но во текот на процесот се промениле вели, правилата на игра, се додале нови работи кои ги сметаат за спорни, па затоа „одговорност треба да преземат тие што ги менуваат правилата на играта“.

За Села, вистинските кои ја проблематизираа и на некаков начин водеа овој процес да се одоговлечи е токму вели, Османи, кој беше министер и во Владата на премиерот Никола Груевски и политичката опција која тој ја претставува.

Премиерот Заев изрази оптимизам дека сепак ќе успее да го обезбеди потребното мнозинство во македонското Собрание пред финалното гласање на уставните измени неопходни за имплементација на Договорот од Преспа. Вели, поддршката со број на пратеници ќе се знае на чинот на гласањето.

-Двете опозициски партии од албанскиот блок досега беа конструктивни во однос на процесот на уставни измени. Дел од нивните сугестии се вградени. Сите политички партии силно го поддржуваме процесот на евро и евроатланските интеграции, но со нив ќе разговараме и за оние работи за кои имаат резерви, порача шефот на Владата.

Клучни барања на БЕСА се да се прецизира дека државата не е моноетничка, како што имплицира делот “македонско државјанство“, како и во делот на дијаспората. Од Алијансата бараат албанскиот јазик и неговото писмо да се употребуваат на целата територија на државата, по зборовите „самостојна, суверена“ да се додаде „мултиетничка“, а зборовите „македонскиот народ“ да се заменат со „граѓани“, за да се истакне мултиетничкиот карактер на државата.

Во меѓувреме, осуммината пратеници од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да му дадат поддршка на владеачкото мнозинство и нема да го дадат гласот „За“ уставни измени доколку  Владата одлучи да го прифати барањето на БЕСА терминот „македонско“ да се избрише од документите, бидејќи оценуваат дека тоа е спротивно на гаранциите за јакнење на идентитетот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која нема да учествува во расправата за амандманите, се закани дека и понатаму ќе исклучува пратеници од своите партиски редови доколку позитивно се изјаснат на собраниската седница за уставните измени. Ова беше најавено од потпретседателот Александар Николовски при неодамнешното гостување на една телевизија. Централниот комитет на партијата веќе исклучи седум свои пратеници по гласањето за отворање на уставните измени откако беше овозможено двотретинско мнозинство од точно 80 гласа „за“, но и неколку члена на партијата кои се изјаснија против партискиот став за неприфаќање на измените на Уставот.

На текстот на предлогот на амандманите на Уставот, кои денеска треба да се најдат на пленарна седница, предлагачот, секој пратеник, работно тело и Владата кога не е предлагач, можеа да поднесат амандмани најдоцна осум дена пред седницата на Собранието на која ќе се усвојуваат амандманите на Уставот. До Собранието на Република Македонија во законскиот рок пристигнале 10 амандмани на предлог-амандманите на Уставот и тоа шест од Алијанса на Албанците, три од Беса и еден од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Независните со поднесениот амандман предлагаат во амнадманот 33 во член 1 под ставот 2 да се додаде нов став 3 со кој називот Република Северна Македонија да е само за меѓународна употреба.  Поднесени се и два амандмана на Законот за спроведување на Уставот, по еден од БЕСА и од СДСМ.
По исклучок амандмани на текстот на предлогот на амандманите на Уставот, предлагачот може да поднесе до заклучување на претресот само заради усогласување на текстот на предлогот на амандманите кои се измениле поради усвојување на некој амандман, од оние кои биле поднесени во законскиот рок.
Собранието се изјаснува одделно за секој амандман на текстот на предлогот на амандмание на Уставот, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Пратеникот во текот на претресот по амандман на текстот на предлогот на амандман на Уставот може да говори само еднаш во траење од 10 минути.

Координатор на пратеничката група или еден пратеник определен од пратеничката група или од координаторот на пратеничката група во претрес по амандман може да говори само еднаш во траење од 15 минути. Претставникот на предлагачот може да говори само еднаш во траење од пет минути.

Само подносителот на амандманот на текстот на предлогот на амандманот на Уставот може да даде образложение и да говори по амандманот во времетраење од вкупно 10 минути, а доколку подносители на амандман се двајца или повеќе пратеници само еден од подносителите може да даде образложение и
да говори по амандманот во времетраење од вкупно 10 минути.

Амандманите што ги поднел предлагачот и амандманите со кои тој се согласил се сметаат за составен дел на текстот на предлогот на амандманот на Уставот. Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници го утврдува предлогот на секој амандман одделно.

За донесување на уставните амандмани потребно е да гласаат најмалку 80 пратеници.

Со првиот амандман се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на „посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија”.

Со вториот амандман во Преамбулата на Уставот па зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ” и се додава Охридскиот рамковен договор.

Во третиот амандман се наведува дека „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави”, а четвртиот се однесува на иселениците и во него се предвидува републиката да ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината, a оти притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

На 19 октомври Собранието со поддршка од 80 гласови и 39 против, ја започна постапката за пристапување кон уставни измени. Двотретинското мнозинство беше обезбедено со осумте гласови на пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дел од нив се обвинети во случаи на СЈО и за настаните од 27 април.