Никој не се искачил на Небото живеејќи во задоволства

Во Православната Црква болката, и секој друг вид страдање за верниот човек воопшто не се исклучува, туку истите добиваат сосема ново достоинство, тие се преобразуваат во неа. Со нашата храброст, трпение, нашите молитви и постојано сеќавање на Бога, таа горка чаша постепено се преобразува во сладосна чаша на бесмртноста. Од таа причина, болката веќе не претставува за христијанинот извор на страв и ужас, но широко пристаниште за подвиг и борба. Да го земеме на пример човекот кој трча на натпревари и победил на натпреварот: кога добива награда за победата, тој од радост ги заборава сите напори на трудот и подготовката за натпреварот. Така и борецот Христов, предвидувајќи ја „Славата Божја, која треба да се открие“ и идната награда во Царството Небесно, ја заборава тагата на страдањата и самата смрт.

Следствено, ние треба великодушно да ја поднесуваме таа „трка“ во трпење на искушенијата, маките и неволјите во претстојниот ни подвиг, просејќи поткрепа и утеха од Спасителот, „гледајќи на началникот и совершителот на верата Исус, Кој, наместо радоста која Му припаѓаше, претрпи Крст“ (Евр. 12, 2).

И страдањето, тој голем дар на луѓето од Бога, ако биде примено правилно, ќе стане за нас причина за благослов. Што и да претрпиме во овој век, не може да се спореди со идната награда во Царството Божјо, како што рекол апостол Павле: „Сегашните привремени страдања не се ништо, во споредба со таа слава, која ќе се открие во нас“ (Рим. 8, 18). Ако некој посака во овој живот да добие одговор на прашањето, поради која причина Бог допуштил да му се случат некои околности, неговиот ум неминовно ќе се наполни со илјадници прашања „зошто?“; ако пак гледа на својата болка како на неопходно испитување, испратено од Бога или за очистување, или за усовршување, или за добивање на венец во идниот живот, тогаш тој ќе ја прими чашата на страдањата како благослов од рацете на Господ.

Еве го одговорот на човекот од Бога. Господ не му дава на човекот лажни ветувања, дека ќе го отстрани страдањето, но му ветува, дека ќе ја преобрази неговата болка и од клетвата ќе направи благослов и утеха.

Да не мисли никој, дека светителите не страдале и не биле подложни на телесни болести. Како доказ за тоа, ни служат зборовите на свети Исак Сирин, кој во едно од своите дела вели: „Ги гледаш ли безбројните светителски полкови на Црквата? Никој од нив не се искачил на Небото, живеејќи во задоволства, туку сите се искачиле таму со многу маки“, трпеливо носејќи го крстот што им бил испратен од Бога.

Секој од нас носи свој крст, секој од нас, без исклучок, кој и да е, која позиција и да ја заземаме во општеството, во кој крај на Земјата и да се наоѓаме. Но, дури и ако на некои Господ не им испраќа крст на трпење на болести, секој човек трпи различни маки, потреси, го носи крстот на своите гревови, се бори со својот внатрешен непријател – „стариот човек“, кој го мачи.

На тој темен, бескраен простор, само Еден може да го осветли нашиот пат, и тој Еден, секако е нашиот Господ Исус Христос, распнат на Крстот за секој човек, Светлина и утеха за луѓето, кои ги носат своите крстови по Него. Тоа е Оној, Кој се обраќа во Светото Евангелие до сите оскрбени, болни, страдалници: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети, и Јас ќе ве успокојам“ (Мт. 11, 28-

Митрополит Атанасиј Лимасолски