Заев: Воведувањето квоти за увоз на челик да не биде демотивирачко за домашните компании

Одлуката на ЕУ за воведување квоти за увоз на челик да не биде демотивирачка за домашните компании, порача премиерот Зоран Заев и ги охрабри да продолжат со своите планови за 2019 година, а дека решенија секогаш може да се изнајдат.

-Фокусот на Владата останува комплетно насочен кон поддршка на овие компании и навистина не е потребна посебна паника. Станува збор за просекот од трите последни години, зголемен за пет проценти. Проблемот е што сега е квота и компаниите генерално се плашат една од друга некој да не го зафати делот и на другите компании и ние тука може да менаџираме. И секеко, им стоиме на располагање, да им бидеме сервис. Имаме и дополнителна квота, таа глобалната, која доколку било која земја не ја искористи ние да можеме дополнително да ја искористиме. Проблемот е што преку квотите, не може да се исполнат оние амбициозни планови, што се направени од страна на компаниите, а кои се многу поголеми од просекот од трите претходни години. Тука е проблемот. Но, верувам дека ако овие планови имаат тенденции, и сакам да ги охрабрам да продолжат со своите планови, секој пат ќе се изнајдат решенија, рече премиерот Зоран Заев, одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на проектите од првиот повик од третиот столб од Планот за економски раст.

Потенцира дека Македонија блеска во очите на ЕУ  и  оти секој пат разбирање мора да имаме.

-На ова работеше потпретседателот Кочо Анѓушев, работеше вицепремиерот Бујар Османи, министерот за економија Крешник Бектеши и лично разговарав со претседателот на ЕК Жан Клод Јункер. Сите заедно работиме на оваа тема и нашата амбасада во Брисел е целосно посветена, а имаат дел од компаниите и адвокатски тимови. Помина и делот на инспекциски контроли од страна на ЕУ кон компаниите дома и верувам дека на крајот сето тоа не смее да остане демотивирачки за самите компаниите. Така што стотици милиони или 200 милиони евра штети, што се споменуваа, апсолутно не се точни, но секако сме будни и остануваме со поддршка на компаниите и со намера да бидат охрабрени и да продолжат со имплементација на своите планови за 2019 година, рече премиерот.