Тевдовски: Значаен прогрес во реформата на јавните финансии

Направен е значаен прогрес во реформата на јавните финансии. Законските решенија предвидени со Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии (ПФМ) се или подготвени или во финална фаза на подготовка, додека истовремено се работи на оперативата и јакнење на капацитетите на институциите.

Ова, соопшти Министерството за финансии, беше истакнато денеска на третиот ПФМ дијалог кој се одржа во Министерство за финансии, на кој присуствуваа министерот за финансии Драган Тевдовски, амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевески, претставници од институциите, од невладиниот сектор и експертската јавност.

-Во 2018 година бевме фокусирани на подобрување на легислативата во повеќе клучни области, како планирање и буџетирање, јавни набавки јавна внатрешна финансиска контрола, управување со јавен долг и финансиска контрола во јавниот сектор, рече министерот за финансии Тевдовски.

Тој посочи дека за новиот Закон за буџети има подготвено работна верзија и дека во текот на следната година  ќе се најде во собраниска процедура. Со тоа ќе се направат значајни измени во носењето на буџетот, односно ќе се воведе среднорочно буџетирање. Во тек е и подготовката на новиот Закон за јавна внатрешна финансиска контрола, кој, како што рече, се очекува да влезе во собраниска процедура, исто така, следната година. Новите закони за јавни набавки и јавен долг се веќе подготвени. Првиот е веќе во собраниска процедура, додека вториот закон е објавен на ЕНЕР.

Министерот Тевдовски истакна дека како дел од сеопфатната реформа на јавните финансии се и континуираните мерки за зголемување на транспарентноста.

-Направена е веб-платформа за „Граѓански буџет“ на која беа поставени ребалансот на Буџетот за 2018 и Предлог-буџетот за 2019 година. Исто така во процес е и креирањето на платформата „Open finance” со која јавноста ќе има увид во исплатите од Трезорот во реално време, рече Тевдовски.

Амбасадорот на ЕУ во земјава Самуел Жбогар истакна дека спроведувањето на Програмата за управување со јавните финансии е од исклучително значење. Тој посочи дека има напредок, особено во делот на фискалната транспарентност.

ПФМ е прва сеопфатна програма за реформи во јавните финансии.  Целта е да го зајакне системот на јавни финансии и да ја подобри ефикасноста и ефективноста на јавните трошења. Оваа Програма е подготвена врз основа на интензивна соработка на релевантните национални институции, со поддршка од Делегацијата на ЕУ и експертска помош од СИГМА, при што земени се предвид препораките од извештаи за оценка на состојбите во областа на управување со јавни финансии: PEFA, WB PFM Review, SIGMA Baseline Assessment.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *