Македонија доби 68,6 милиони евра за втората фаза од железничкото поврзување со Бугарија

Македонија денеска потпиша договор со кој преку Европската банка за обнова и развој доби грант од Европската унија во висина од 68,6 милиони евра кои ќе бидат наменети за изградба на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка од железничката пруга кон Бугарија.

Во следните месеци треба да биде избран изведувач на работите по што ќе биде потпишан договор, а министерот за транспорт и врски Горан Сугарески очекува градежните активности да започнат во 2019 година и да траат четири години.

За првата фаза којашто требаше да биде готова во 2016 година, Сугарески вели дека се блиску до решение и оти во скоро време се очекува потпишување на анекс на договорот и продолжување на активностите на терен. Градежните работи на оваа делница од Куманово до Бељаковце треба да бидат готови за 18 месеци.

За третата фаза од Крива Паланка до бугарска граница, која ќе биде и најскапа поради конфиграцијата на теренот, досега се обезбедени 60 милиони евра. Предвидувањата се дека оваа делница ќе чини над 370 милиони евра и за неа дополнително треба да се обезбедат средства.

–  Станува збор за исклучително стратешки проект и согласно договорот којшто го имаме со Бугарија, можам да кажам дека нивните обврски во целост треба да бидат завршени до 2027 година, а Република Македонија мора до 2025 година комплетно да ги заврши нејзините обврски. Така што во овие неколку години бидејќи се работи за стратешки проект на Коридорот 8, од нашата страна ќе биде максимално испочитуван рокот, а се надеваме дека нема да има проблеми и од страна на Бугарија, рече Сугарески на денешното потпишување на договорот во Министерството за финансии.

За министерот за финансии Драган Тевдовски, кој заедно со директорката на Канцеларијата на ЕБОР во Скопје, Анка Јоана Јонеску, го потпишаа договорот, ова е најголем инвестициски грант што досега Македонија го има добиено за инфраструктурен проект.

– Ова се грант средства за кои не плаќаме камата. Ова се неповратни средства. Станува збор за навистина висок износ ако се земе предвид дека сите земји од Западен Балкан конкурираат за годишно 100-150 милиони евра, рече Тевдовски, оценувајќи дека проектот за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија има економско и стратешко значење не само за државите, туку и за целиот регион.

Според евроамбасадорот Самуел Жбогар, железничкото поврзување на Коридорот 8 е значаен проект кој од визија станува реалност.

– Штом проектот ќе заврши, граѓаните од двата главни града Скопје и Софија ќе ја поминуваат разделеченоста со воз, но што е уште поважно транспортот на стока ќе биде поевтин и полесен, рече евроамбасадорот Жбогар, додавајќи дека до завршување на проектот има уште многу работа, но потребна е и силна заложба од сите учесници во процесот.