Пратениците сега имаат голема одговорност да покажат вистински дијалог и да се придржуваат на демократските стандарди а со тоа да бидат позитивен пример за целото општество. Преспанскиот договор е историски и процесот треба да биде завршен истакна денеска британската амбасадорка во Македонија Рејчел Галовеј на одбележувањето на 25 годишнината од дипломатските односи и потпишување нов Меморандум за соработка на Собранието на РМ со Вестминстер форндацијата.
– Вие пратениците на овој дом имате голема одгоорност сега да покажете вистински дијалог, да се придржувате на демократските стандарди, да работите на процесот на помирување со тоа поставувајќи позитивен пример низ целото општество додека се придржувате на владеењето на правото. Работата на Собранието претставува значаен придонес во евроатланската агенда на Македонија. Преспанскиот договор е историски договор што и овозможува на Македонија да ги следи своите стратешки цели. Сега е важно процесот да биде завршен со јасен фокус на пренесување на неспорниот избор на граѓаните да бидат дел од евроатланската заедница, рече Галовеј.
Ние, додаде таа, сме тука да ве поддржиме во вашите стратешки цели членството во ЕУ и НАТО. Вашата стабилност, безбедност и просперитет влијаат врз сите нас
Претседателот на Собранието Талат Џафери во својот говор истакна дека Велика Британија во изминатите 25 години се покажала како голем и вистински пријател на Македонија и на Собранието.
– Сепак мораме да ја имаме на ум и онаа народна мудрост дека прво, треба само да си помогнеш, ако сакаш и другите да ти помогнат. Јас верувам дека овој парламентарен состав сака и има капацитет да ги исполни своите обврски, особено да заврши процесот на уставните промени со што ќе се отвори пат за следните фази, за кончено потоа да станеме полноправна членка на НАТО и да очекуваме отворање на преговорите за полноправно членство во Европската унија, истакна Џафери.
Амбасадорката Галовеј рече дека денеска започнува нова фаза на британско – македонското партнерство и ова е одличен начин да се одбележат 25 години од билатералните односи меѓу двете земји воспоставени во декември 1993 година. Веќе четвртина век, како што додаде, Собранието е клучно за соработката.
– Исправно е што инвестираме толку многу ресурси во Собранието. Овој дом е јадрото на македонската демократија. Разновидноста на мислењата што ги нуди ја претставуваат разновидноста на гледиштата на македонското општество и на барањата на гласачите. Собранието е домот на дебатата и бојното поле на идеите, рече Галовеј.
На 25 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Велика Британија, Собранието на Република Македонија и Вестминстер фондацијата потпишаа нов Меморандум за соработка. Овој пат акцентот е ставен на финансискиот надзор, постзаконодавниот надзор, вклучувањето на независните институции и регулаторните агенции во процесите на вршење надзор.
– Она што сакам посебно да го истакнам е вклучувањето на јавноста во дијалогот и креирањето на политики. Секако со Меморандумот можат да бидат опфатени и други прашања од наш интерес, а програмата ќе трае минимум до 31-ви март 2021 година и е финансирана од Амбасадата на Велика Британија во Скопје, истакна Џафери.
Џафери оцени дека оваа островска држава секогаш била поддржувач на нашата определба за полноправно членство во НАТО и во ЕУ, а притоа потсети на посетата на британската премиерка Тереза Меј годинава.
Британската амбасадорка, пак, посочи дека овој проект и соработка ќе почне, но оти нема да заврши со основањето на собраниската буџетска канцеларија за поддршка на пратениците ефективно да вршат надзор и да го подобрат квалитетот на јавните трошоците.