Јавноста се уште без детали за законот за амнестија за 27 април

Иако се најавуваше се уште нема информација кога ќе се состане Интерпарламентарната група за помирување, интеграција и реформи која треба да го разгледа предлог текстот на законот за амнестија за настаните од 27 април лани, што беше усвоен од страна на подгрупата за помирување во средата.

Според информации од независната група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, средба треба да има можеби денеска, но од копретседавачите на Интерпарламентарната група Фросина Ташевска Ременски и Емилија Александрова нема потврда на овие информации, како и на информациите дека во понеделник законот, кој е најавен да се носи по скратена постапка, би можел да биде на дневен ред на веќе закажаната собраниска седница. Доколку не се разгледува на понеделничката седница, законот би можел да биде ставен на нова седница, која претседателот на Собранието допрва треба да ја закаже.

Законот за амнестија нема да ги опфати организаторите и лицата кои извршиле физичко насилство за време на настаните од 27 април лани во Собранието. Сeкое лице опфатено со процесот ќе треба да поднесе барање за амнестија од понтамошната постапка, објави на прес-конференција пратеникот Зекир Рамчиловиќ, кој ја предводи подгрупата за помирување.

Рамчиловиќ истакна дека нејзините членови постигнале консензус по ова прашање.

-Сeкое лице опфатено со процесот ќе треба да поднесе барање за амнестија од понтамошната постапка. На овој начин сметаме дека процесот што треба да даде одговор за сето она што се случи на 27 април ќе продолжи и од таа страна ќе имаме правна завршница, правдата ќе си го најде местото, но секако и дел од лицата кои беа вклучени во настаните од 27 април ќе добијат амнестија и на тој начин е направен првиот чекор кон релаксација на односите во општеството односно на одредени поделби кои излегоа после овој настан, посочи Рамчиловиќ.

Појасни дека во текстот јасно е дефинирано кои лица ќе бидат опфатени со процесот по завршување на доказната постапка.

Во работата на Интерпарламентарната група не учествува опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која бараше целосна амнестија за настаните од 27 април. Сепак, лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски вчера изјави дека „партијата ќе застане зад секое решение што ќе значи решение за лицата кои се под политички прогон на оваа Влада“.

Во меѓувреме, во Кривичниот суд се одржуваат рочиштата за настаните од 27 април. Судењето денеска продолжува со изнесување дополнителни докази од Обвинителството.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Меѓу обвинетите се и пратениците од сега независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ Љубен Арнаудов, Сашо Василевски и Крсто Мукоски, кои ги поддржаа уставните измени во првата фаза, како и пратениците Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници… Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.