Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Косово и на Република Бугарија во Република Македонија.
На средбата со новоименуваниот косовски амбасадор Ѓерѓ Дедај, претседателот Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, посочил дека Република Македонија во духот на добрососедството е подготвена за посветена и суштинска соработка со сите соседни земји, вклучително и со Република Косово, и изразил очекување за продолжување на дијалогот по билатерални прашања од заемен интерес, како и за соработка во рамки на регионалните и други организации и иницијативи.
-Од друга страна, свесен сум и за потенцијалните предизвици и преостанатите отворени прашања кои би можеле да имаат дестабилизирачко влијание во нашиот регион. Затоа верувам дека е неопходна координација, искрен пристап и заедничко дејствување во справувањето со билатерални, регионални и меѓународни предизвици, истакнал претседателот Иванов.
Во однос на регионалната соработка, Иванов порачал дека е потребна целосна фокусираност на инфраструктурните и енергетските поврзувања, на економската соработка, на ефикасно справување со ризиците од катастрофи, како и со предизвиците што ги носат безбедносните прашања и организираниот криминал.
Амбасадорот Дедај искажал уверување дека понатамошната соработка и односите на добрососедство со Република Македонија, ќе бидат главен приоритет високо на политичката агенда на сите косовски институции.
-Ве уверувам Претседателе дека продолжувањето на таквите политики базирани на принципите на блиска соработка, слобода и демократија, ќе придонесе за успех и просперитет не само на нашите две земји, туку ќе претставува и значаен историски придонес за мирот и стабилноста на регионот, како единствен начин за надминување на негативното влијание од минатото и ќе ја гарантираат стабилноста и оддржливиот демократски развој на Западен Балкан, посочил амбасадорот Дедај.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Бугарија, Ангел Ангелов, претседателот Иванов истакнал дека традиционално добрите пријателски односи и очекуваната заедничка иднина во рамките на европското семејство ги поврзуваат, но и обврзуваат Македонија и Бугарија да ги засилат меѓусебните односи во сите сфери од заеднички интерес.
-Нашите заложби за реализација на заедничките демократски цели се рефлектираат во посветеноста на двете земји за градење добрососедска политика заснована врз принципите на меѓусебна доверба и почитување. Имплементацијата на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, пред сè, насочен кон надминувањето на историските предрасуди, отвора перспективи во постигнувањето на европските вредности, како заеднички придонес кон стабилизацијата и просперитетот на целиот регион. Би сакал и во оваа прилика да го изразам нашиот интерес за продолжување на конструктивниот дијалог за голем број прашања од заемен интерес, како и за продолжување на меѓусебната поддршка и соработка во рамки на меѓународните организации, нагласил Иванов.
Амбасадорот Ангелов истакнал дека активната и посветената работа за понатамошниот развој на билатералните односи во сите области од заеднички интерес, во духот на добрососедството, пријателството и довербата, како и поддршката за полноправно членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО, ќе бидат главната задача за време на неговиот мандат.
-Денес, граѓаните од двете страни на границата имаат пријателски и добрососедски односи кои се развиваат во позитивна насока. Со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан во 2017 година, Република Бугарија и Република Македонија дадоа позитивен пример на сите држави во регионот за тоа како можат да се изнајдат дипломатски решенија дури и за најсложените отворени прашања што траат со децении. Сепак, има уште многу работа да се направи за целосна имплементација на документот, рече амбасадорот Ангелов.
Претседателот Иванов на двајцата новоименувани амбасадори им посакал успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.