Ласовска избрана за претседател на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Муцунски за секретар за меѓународна соработка

Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница ја избра Благица Ласовска за претседател на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, а Тимчо Муцунски секретар за меѓународна соработка.

Ласовска, која до сега беше в.д претседател, е поранешен претседател на УЖ Свети Николе, поранешен член на Извршниот Комитет на Унијата на жени и актуелен пратеник во Собранието на Република Македонија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одлучи за секретар за меѓународна соработка да го назначи Тимчо Муцунски, кој е докторанд и асистент на Правниот факултет при УКИМ и поранешен заменик министер за информатичко општество и администрација.

Муцунски во изминатите години извршувал повеќе функции во ВМРО-ДПМНЕ, од кои член на Извршниот комитет на Унијата на млади сили, како и советник за меѓународни односи на претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

-Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ со искажаната доверба на Ласовска и Муцунски верува дека со својата посветеност и капацитет ќе ги исполнат целите и политиките на партијата, соопшти  Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ