Улогата што бизнисите, институциите и социјалните претпријатија можат да ја имаат во трансформацијата на стариот економски систем е тема во фокус на новиот, трет по ред, Форум на добри компании, „Нова економија: Бизнисите креираат еколошки, социјални и економски вредности“, што денеска ќе се одржи во Скопје. На форумот ќе се обратат министерот за финансии Драган Тевдовски и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
– Досегашните принципи врз кои што почива традиционалниот економски систем, а во кој природата и човекот се третирани како ресурси за создавање профит и економски раст, доведоа до експоненцијален економски и технолошки развој на човештвото, но, и до катастрофални последици по природата и човекот. „Оперативниот систем“ на традиционалната економија е застарен и потребен му е „апдејт“ по којшто тој би резонирал со целите за одржлив развој дефинирани од Обединетите Нации, наведуваат организаторите на настанот.
Гостите-говорници, кои годинава доаѓаат од Лондон, Единбург, Амстердам, Љубљана и од земјите во регионот, ќе зборуваат за новиот тип лидерство кој го наметнуваат радикалните поместувања на пазарот, за алатките за креирање успешни деловни одржливи практики (ГРИ), за примената на блокчеин во одржливите процеси и за новите научни методологии за имплементирање галопирачки организациски и институционални промени.
Меѓу овогодишните главни спикери е Дејвид Грејсон, универзитетски професор, консултант и говорник за одговорен бизнис, корпоративна одржливост, цели и соработка. Автор е на седум книги, и е почесен професор по Корпоративна одговорност на Факултетот за менаџмент на Универзитетот Кранфилд. Престижниот „Гардијан“ го именуваше како еден од десетте најдобри светски влијателни личности на твитер – за одржливо лидерство.
„Форум на добри компании“ го организира Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, во партнерство со Регионалниот проект за социјални права на ранливи групи (СоРи), кој се имплементира од страна на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ – www.giz.de) во име на Германското Сојузно министерство за економска соработка и развој и со ЕУ проектот за поддршка на социјалното претприемништво, финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка.
Форумот на добри компании е инициран пред три години како настан кој на едно место ги обединува компаниите, институциите и граѓанскиот сектор, главните засегнати страни за креирање позитивна општествена промена.