Иванов: Небулозни се тврдењата дека се планирала воена состојба на 27 април

Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги отфрли како небулозни тврдењата дека вечерта на 27 април наводно подготвувал прогласување воена состојба. Тоа се, како што изјави, очаен обид да се сврти целото внимание од главните креатори на настанот кон шефот на државата и неговиот кабинет.

Одговорајќи на новинарски прашања по доделувањето на признанијата „Македонски квалитет“, Иванов истакна дека во него се вперува прстот, но кога судот ќе ја донесе одлуката ќе се знае кои се главните актери, кој стои зад 27 април, кој го испланирал и изрежирал, но ќе се знае, подвлече претседателот, и мотивот.

Иванов најави дека попладнево и официјално ќе се произнесе околу целиот случај.

-Јавноста верува на обвинет, а не на официјалните институции. Имаше изјава и обвинителката, имаше соопштение и од Армијата и од кабинетот. Веројатно нашите изјави се многу поиздржани од изјава на обвинет кој прави се да го одбегне тоа што му следува. Прашајте кај биле генералите тој ден, кај бил началникот на Генералштабот, каде бил мојот аѓутант, Армијата. Веќе имаме и нова власт и нова министерка за одбрана која сите овие месеци можела да види што има во МО за тој ден зашто се` се евидентира. Армијата не е невладина организација, туку хиерархиски поставена институција која води евиденција за секој ден, за секој час, за секој војник и офицер, истакна Иванов.

Во врска со неговите блиски соработници Синиша Алексовски и Борис Јосифовски, Иванов напомена дека тие изјавиле се што имале.

-Беа кај обвинителката и ги дадоа своите искази. Затоа таа кажа и дека нема основ за каква било вмешаност на кабинетот и моја лична. Тие што ги создаваат ваквите лажни вести, а знаете, еден медиум ја почна таа приказна за „Јасен“ и потоа се разви дека ќе имало воена состојба. Треба да го посетат „Јасен“ да видат како функционира и дали е можна таква приказна таму. Нека го прочитаат и Уставот за да видат кога се воведува воена состојба и кој ја воведува, потенцира претседателот Иванов.

Такви небулози, дополни, се случуваат во главите на тие што се обидуваат да создадат страв кај населението за да ги остварат своите цели.

Претседателот Иванов ги повика оние што шират вакви информации да се јават во амбасадите и да прашаат дали имало некакви влијанија врз него и неговиот кабинет околу наводно откажување да прогласи воена состојба