Шекеринска: По сработеното од Македонија, останува ЕУ и НАТО да го исполнат својот дел од работата

Говорејќи за односите ЕУ – Западен Балкан на конференцијата „Пријателите на Европа“, генералниот директор за проширување на Европската Комисија, Кристијан Даниелсон, изјави дека една од причините зошто земјите членки имаат обновен интерес да соработуваат со Западниот Балкан е борбата против тероризмот.

Панелот што се одржа изутрината во Брисел, во присуство, меѓу другото, на македонската министерка за одбарана, Радмила Шекеринска, наречен „ЕУ – Западен Балкан: сѐ уште комплицирано“, беше посветен на предизвиците во политиката на проширување на Европската Унија.

Генералниот директор Даниелсон, порача дека има нов момент меѓу ЕУ и земјите од регионот, но дека предизвикот е тој да биде „целосно искористен“.

– Има признание меѓу земјите членки за ангажман на Западниот Балкан, тоа е во интерес на Европа, затоа што предизвиците подобро се решаваат заедно, имаме интерес да видиме дека транзицијата продолжува во тие земји и на долг рок тие да станат членки на ЕУ, изјави Даниелсон.

Една од причините за засилениот интерес на ЕУ членките е борбата против тероризмот, изјави Даниелсон.

– Една од причините зошто земјите членки посилно чувствуваат потреба да работат на Западниот Балкан е поврзана со заедничкиот предизвик на борбата против тероризмот и дерадикализацијата, објасни генералниот директор.

Останува земјите од регионот да покажат напредок на реформскиот пат, потсети Даниелсон, но не само во смисла на „штиклирање“ туку и длабоко да се справат со политичката култура и начинот на кој функционира политичкиот систем, а тоа, рече тој “оди подалеку од секторските реформи“.

Даниелсон ја посочи судската реформа во Албанија како позитивен пример во тој контекст, но и Македонија во начинот на кој се справува со приоритетите.

-Предизвиците јасно се тука, најголемиот предизвик е владеењето на правото, транзицијата кон подлабока демократија, корупцијата и организираниот криминал, справувањето со знаци на заробена држава, но и економските реформи, кои според Даниелсон треба сериозно да бидат сфатени.

Македонската министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, се согласи дека реформскиот процес не смее да се сведе на штиклирање реформи, но побара од ЕУ да си го заврши и својот дел од работата.

-ЕУ треба да биде искрена, лесно е да се увиди дека вистинската трансформација во земјите се случува во процесот на зачленување, кој сега е променет и е базиран врз фер, но построги принципи, изјави Шекеринска.

Сега е на ЕУ и НАТО да го исполнат својот дел од договорот, и се надевам дека во јуни одлуката нема да биде „комплицирана“ туку дека ќе биде јасен сигнал, изјави министерката.

Шекеринска се осврна на Преспанскиот договор и процесот за уставните измени во Собранието.

– Она што се чинеше невозможно сега е изводливо, два пати го ратификувавме во Собрание, и ја преминавме втората пречка, Македонија гласаше за уставните измени со двотретинско мнозинство, но мораме да се осигураме дека во јануари ќе имаме повторно двотретинско мнозинство. Далеку е од завршено и ние сме одлучени да го затвориме ова успешно, рече Шекеринска.

Таа порача дека македонската Влада одлучила да не си бара оправдувања за да ги избегне тешките промени и реформи како заробената држава, етничките и соседските односи.

-Идејата беше да го ставиме на маса она што е изводливо и да се справиме со тоа без да ја пресметуваме политичката цена за тоа постојано, таа промена на парадигма нѐ доведе таму каде што сме сега, рече Шекеринска поздравувајќи ја храброста не само на македонската туку и на грчката влада на Алексис Ципрас.

Министерката за одбрана повикувајќи се на насловот на панелот „комплицирано е“ помеѓу Западниот Балкан и ЕУ, побара од двете страни да „работат на нивната врска“.

– Кога е комплицирано во една врска, тоа значи дека сте некаде помеѓу пријателство и врска, и двете страни ги ставаат во прашање мотивите и посветеноста на другата страна, сега е време да работиме на оваа врска и да престанеме да го користиме оправудањето дека е „комплицирано“.