Со презентација на најважните проекти во секторите инфраструктура, енергетика и животна средина во Македонија, чија реализација е предвидена да почне во следните години, денеска во Скопје ќе се одржи италијанско – македонски бизнис форум на тема „Инвестициски проекти и можности во секторите транспорт, енергетика и животна средина во Македонија“.
На форумот ќе учествуваат 15 италијански компании од застапените сектори, меѓу кои и Групацијата Италијански државни железници, заинтересирани за воспоставување соработка со партнери од Македонија. Форумот е организиран во соработка со најголемите национални здруженија во Италија: ANCE – Национално здружение на градежни компании, OICE – национално здружение на проектанти и консултанти во секторот градежништво и ANIE – национална федерација на компании од полето на електротехниката и електрониката.
На Бизнис Форумот, кој е во организација на Амбасадата на Италија во Скопје и ИЧЕ Агенцијата за промоција и интернационализација на италијанските компании во странство, предвидено е обраќање на вицепремиерот Кочо Анѓушев и амбасадорот на Италија во Македонија Карло Ромео.
Попладнето ќе биде посветено на бизнис средби помеѓу италијанските и македонските компании од соодветните сектори, како и претставници на македонските институции и јавни претпријатија од секторите транспорт, енергетика и комунални услуги.
Настанот, кој се одржува втор пат оваа година, има цел да ја потврди силната поддршка која Италија, преку своето Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка, Министерството за економски развој и секторските здруженија, ја посветува на сè позначајно учество на италијанските компании во реализацијата на проектите за развој во секторите од стратешко значење за поврзаноста и за инфраструктурите во овој европски регион, а со цел за допринесе побрза евроинтеграција на земјите од западен Балкан.
Како што информираат организаторите, во последните години италијански компании се повеќе се вклучени во инфраструктурните проекти во Македонија. Само во 2018 година, четири италијански компании склучиле договори за изведба или за надзор на значајни проекти од патната инфраструктура, во вкупен износ од 125 милиони евра.