Премиерот Зоран Заев, по повод прославувањето на еврејскиот празник Ханука, упати порака за пријатно празнување на граѓаните во Република Македонија и во светот.
– Овој празник ме потсетува на тоа дека и кога изгледа невозможно да се помисли на победа, тогаш се појавува исклучителна сила и мотивација која не’ води напред. Тогаш сме соочени со сето она за кое вреди да се искористат последните сили. Така било и 165 години пред нашата ера кога наново бил осветен Храмот во Ерусалим. Со нашите драги пријатели од државата Израел денес се сеќаваме на една таква чудесна победа за израелскиот народ. Прославувањето на Ханука ни ја праќа пораката дека дури и најмалото светло ја поразува темнината! Дури и една мала држава како Македонија со препознавање и вреднување на различноста го осветлува патот за цел регион и носи порака на мир и победа на доброто, порача премиерот Заев кој придружуван од амбасадорот на Израел за Македонија Ден Оријан го означија почетокот на празничните денови Ханука, денови на посветеноста и фестивалот на светлината, соопшти владината прес-служба.
Амбасадорот Оријан изрази големо задоволство за одбележување на празникот Ханука потенцирајќи дека oвој настан е уште еден показател за силните односи меѓу двете земји, важноста и соработката во областа на наследството што го делиме со Македонија.
– Тесните билатерални односи се зајакнати со јасен став на Македонија да ги поддржи напорите за да ја раскаже приказната за минатото, создавајќи еден фонд за холокаустот и музејот и земајќи активно учество за претворање на старите еврејски гробишта во Битола во спомен парк, со испраќање на наставници во Јад Вашем и борбата против антисемитизмот, истакнал амбасадорот Оријан.
На ова прво одбележување на највисоко ниво на Ханука во Република Македонија, гостин беше и Тал Броди, почесен амбасадор на добрата волја на државата Израел и своевремен кошаркар кој има играно во националниот тим на САД и подоцна државата Израел. Броди изрази огромна благодарност што Македонија денес првпат на ваков начин го одбележува овој празник, и сведочи за солидарноста помеѓу помалите држави да дадат заеднички глобален придонес, се вели во соопштението.