Во Собранието на Македонија претпладнево почна вториот состанок на Интерпатиската парламентарна група за интеграција, реформи и помирување, на кој присуствува и премиерот Зоран Заев.
На состанокот кој е затворен за јавноста, се очекува да се образложат гледиштата на пратениците и на Владата за можните решенија за постигнување помирување во врска со настаните во Собранието на 27 април минатата година.
На првиот состанок што беше одржан пред два дена членовите на Интерпатиската парламентарна група постигнаа согласност за формирање три работни подгрупи и за динамиката на работата на ова тело.
Копретседавачот на телото, потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска Ременски по состанокот рече дека ваквите одлуки се донесени во интерес на процесите што претстојат, а со цел промовирање атмосфера на комуникација и соработка во контекст на ЕУ интеграциите.
Трите работни подгрупи се однесуваат за реформи, интеграција и помирување. Овие три работни подгрупи ќе имаат можност и право да ја консултираат стручната јавност за прашањата кои ги дебатираат со што се дава инклузивност на целиот процес.
Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ која е исто така копретседавач со Координативното тело за помирување, истакна дека очекува забрзување на процесот на помирување, на реформите и на интеграцијата.
Таа потврди дека не постои нацрт закон и оти процесот во моментов е во фаза на изнесување предлози и сугестии за можни решенија во однос на амнестијата. Очекува што е можно побрзо разврска за настаните од 27 април.
Координативното тело за помирување брои 15 члена од владејачкото мнозинство, од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и пратеници кои немаат пратенички групи.
Во телото не учествуваат претставници на Беса, ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците.