Тевдовски на министерска конференција на Светска банка во Виена

Министерот за финансии Драган Тевдовски ќе учествува на Министерска конференција во организација на Светска банка, која се одржува во Виена, Австрија. Темата на конференцијата е „Финансиското информирање како катализатор за интеграција“.

Тевдовски, како што соопшти Министерството за финансии, утре ќе има обраќање на министерскиот панел, на кој учествуваат и потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија Сирил Милер, како и министрите за финансии на Украина и Косово, Оксана Маркарова и Бедри Хамза.

На Министерската конференција обраќање ќе има и министерот за финансии на Австрија  Хартвиг Лоџер, како и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Конференцијата е посветена на значењето на транспарентноста и финансиската одговорност во јавниот и приватниот сектор и реформите за унапредување на финансиските информации. Како што истакнуваат организаторите, реформите во овој сектор придонесуваат за развој на пазарот на капитал, привлекување на странски инвестиции и развој на економијата.

На Министерската конференција учествуваат преку 300 претставници од 13 земји, меѓу кои и министри за финансии, претседатели на регулаторни тела, претставници од академската заедница и бизнис секторот, како и од институциите на ЕУ.