Претстои тешка задача за следната година Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ, вели амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Чарлс Гарет.
Во неделното интервју на Радио Слободна Европа тој посочува дека треба да се исполнат реформите од планот 3-6-9, да се излезе од „заробената“ држава и да се адресира прашањето за името.
– За пронаоѓањето соодветно решение за името ќе бидат потребни тешки одлуки и вистинска политичка храброст, додава амбасадорот.
Јасно е, истакнува Гарет, дека Владата е апсолутно решена да оди напред и да се справи со заробената држава и да ја унапредува реформската програма.
– Преземени се неколку корисни чекори, конкретни чекори напред. Но, се работи за многу долг пат за справување со заробената држава. Потребен е значаен напор на долг период. Потребна е реална програма на вклучување на граѓаните за тие да ги одобрат реформите. Исто така и граѓанското општество да се вклучи од страна. Тоа е маратон, не спринт, вели амбасадорот Гарет.
Потенцира дека акцент треба да се стави на реформите кои јасно се поставени во планот 3-6-9.
– И ние сме многу задоволни што и Британската амбасада може да работи со македонските партнери на опсег на реформи кои ние веруваме дека се итни и важни и каде Британија може да донесе особена експертиза од корист на Македонија. Вклучени се области како јавната администрација, реформи на системот за разузнавање, нешто за кое беше доста спомнувано во минатата недела за време на посетата на Радмила Шекеринска на Лондон и прегледот на стратешката одбрана, вели Гарет.
На прашањето дали е оправдан оптимизмот на премиерот Зоран Заев, кој очекува Македонија да добие датум за пристапни преговори со ЕУ до јуни 2018 година, Гарет одговара позитивно.
– Да, апсолутно. Мислам дека имате многу висок рид на кој треба да се искачите за да стигнете таму до средината на наредната година. Има многу што да се направи во планот 3-6-9, како и во заробената држава, секако треба да се адресира и прашањето со името. Ова се работи кои целосно и директно не се под контрола на Владата во Македонија, така што може да направите колку што сакате, но се уште зависите од луѓе да направат работи. Така што, претстои тешка задача, но е апсолутно правилно да се биде оптимист. Знаете, ако не целите високо, нема да постигнете големи работи, истакнува британскиот амбасадор Гарет во интервјуто за Радио Слободна Европа.