Нежните и разнобојните хризантеми што се честа декорација во дворовите и куќите на кумановки ги одгледуваа Јадранка Трајковска, која произведува цвеќе во нејзините пластеници на само неколку километри од Куманово. Таа го пласира своето производство на локален пазар. Трајковска последниве пет години се занимава со производство на цвеќе. Крупните и ситните хризантеми ги одгледува во пластеници. Годинава, произвела над 1000 саксии ситна, околу 1000 крупна хризантема и половина пластеник или околу 500 корени го наменила за производство на режано цвеќе за букети. Претходните години одгледувала цвеќе и надвор, но вели дека посигурно и е кога одгледува цвеќе под пластеници.
–Летно време ставаме заштитна мрежа за да ги заштитиме од топлината. Сите пластеници ни се под систем капка по капка, вели Трајковска.
Таа долги години се занимавала со производство на зеленчук, но последниве пет години произведува цвеќе. Токму, нејзиното хоби било пресудно да почне да се занимава со цвеќарство. Таа е задоволна од годинешново производство.
-Многу ме исполнува, колку и да сум изморена секогаш се релаксирам со одгледувањето на цвеќето. Не користам субвенции, бидејќи не аплицирам. Задоволна сум од она што го произведувам и продавам, вели Трајковска.
Побарувачка за оваа есенско цвеќе постојано има.
-Жените, особено оние кои уживаат во цвеќе, доаѓаат и со последни пари купуваат цвеќе. Најчесто бараат саксии со интензивна жолта, бела, розе, црвена боја, додава Трајковска.
Последниве години самите со сопругот произведуваат расад. Знаењето го црпат од сопственото искуство, но учат и од колегите од Македонија и Србија.
-Да се произведе хризантема, потребно е доста труд. Почнуваме од едно стапче па се до раскошна саксија, во мај ги расадуваме и постојано работиме, раскажува Трајковска.
Многу е задоволна што цвеќето го одгледува без препарати, на како што вели чисто и незагадено место, недалеку од градот. Користи природно ѓубриво од животните што ги чува во близина на пластениците. Цените за една саксија се пристапни зависно од квалитетот и се движат од 100 до 300 денари. Цвеќето го дистрибуира насекаде низ Македонија. Покрај цвеќе, Трајковска произведува разновиден зеленчук. Она што особено се издвојува во нејзниниот посед се и неколкуте стебленца банани за кои раскажува дека во зимскиот период ги штити со слама и најлон. Сепак, најмногу внимание посветува на цвеќето.
Хризантемите потекнуваат од Азија, објаснуваат стручните лица од кумановското „Чистота и зеленило“ . Техничкиот директор задолжена за одржување на зеленилото во Куманово, Цветанка Ивановска, вели дека и претпријатието и самото сади хризантеми во парковите.
– Хризантемите се приспособени за одгледување во наши услови. Предност е што се отпорни. Им одговараат светли и сончеви места. Колку местото е поизложено на Сонце, толку, хризантемата ќе биде побогата со цветови, а колку повеќе е заштитена од ветер толку повеќе ќе цвета. Може да се одгледува во саксија или во земја, на отворен или затворен простор, појаснува Ивановска.
Грмушките се во висина од 40 до 100 сантиметри зависно од видот. Хризантемата што ја среќаваме кај нас опфаќа голем број сорти и со прости или полни цветови и во различни големини.
Трајковска е една од примерите како од цвеќарство може солидно да се заработува. Сепак, на последниот повик од програмата рурален развој за мерката –млад земјоделец и покрај поволните услови ниту едно лице од Куманово не поднело барање за подигање нови површини со декоративни растенија и хортикултура.
-За оваа програма е предвидена 100-процентна поддршка од државата, појаснува Фросина Наковска од подрачната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. Оттаму се надеваат дека наредната година ќе има заинтересирани за хортикултура.
Во азиските држави за хризантемата се верува дека оние кои пијат вода од места каде што има насади со хризантеми ги очекува добро здравје. Цвеќето кое е одомаќинето во Македонија ги краси и парковите и домовите со своите силни бои кои го подобруваат расположението во дождливите есенски денови.