Заев: Дали Груевски доброволно ја напуштил Македонија или е киднапиран

Едно е јасно, дека Никола Груевски побегнал со дипломатско возило на Унгарија. Отворена е двојна истрага која треба да утврди како избегал. Штом истрагата ќе заврши, МВР ќе ги соопшти сите детали, рече денеска премиерот Зоран Заев.

– Знаеме дека Груевски е во Будимпешта и тука нема дилеми. Поднел и барање за азил. Очекуваме Унгарија да го потврди пријателството кон Македонија и почитувањето на меѓународното право, односно да го одбие барањето за азил, да го екстрадира Груевски и тој тука да ја отслужи казната затвор, истакна Заев, одговорајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата за Буџетот за 2019 година.

Заев не верува дека е можно Груевски да избега во Русија или во Турција, Будимпешта да му е само попатна станица, како што се шпекулира. Тоа, според него, би била огромна неодговорност од страна на Унгарија.

– Ги уверувам граѓаните дека ќе направиме се што е во наша надлежност Груевски да биде екстрадиран и да ја отслужи казната во Македонија. Нема да застанеме додека тоа не се случи. И јавно го поставувам прашањето, дали Груевски доброволно ја напуштил Македонија пред да биде издадена наредбата за неговото приведување пред суд или можеби бил киднапиран. Очекувам Груевски и Унгарија да дадат одговор зашто тука се отвораат други прашања, правото на азил и други околности. По одговорот на ова прашање следуваат сериозни други прашања со дебела суштина, рече Заев.

На прашањето, зошто спомнал киднапирање, истакна дека не знае кој друг посоодветен збор да го употреби.

– Секоја амбасада е екстериторијалност, територија на друга држава, секое дипломатско возило, секој авион. Зависи кое знаме го носи. Таму нашата полиција или систем не може да делува. Од тој аспект јавно прашувам, дали Груевски избегал доброволно или бил киднапиран. Може на фејсбук да дадат одговор, Груевски или Унгарија, истакна Заев.

Тој е дециден дека мора да се направи темелна истрага и таа да се сподели со јавноста. Ако истрагата покаже дека институциите потфрлиле, одговорност ќе биде понесена.

Се води двојна истрага, една од внатрешна контрола на МВР за можна одговрност на полицијата или на некој вработен во Министерството, а друга под раководство на Јавното обвинителство и МВР за организиран криминал, за сите елементи на бегството на Груевски.

– Истрагата ќе ги даде сите одговори. Нема да се откажеме до крај, зашто тоа им го должиме на граѓаните и со право нивниот гнев е голем, особено кога некој кукавички бега од државата. Тој гнев заслужува одговори. Јас точно знам дека МВР презеде се што е законски и согласно неговите јавни овластувања. Веднаш издаде наредба за приведување, во 16 часот во понеделникот. Истовремено, знам дека тоа што е законси дозволиво е преземно од МВР и четири недели пред бегството на Груевски. Информиран сум за сите детали. Од друга страна, Груевски беше присутен на седниците во Собрание и на судските процеси, имаше фотографии како џогира што потврдува дека леже дека имал закани по живот, а и не покажуваше индикации дека ќе побегне, подвлече премиерот.

Заев рече дека бил свесен за вакво сценарио уште откако почна објавувањето на „бомбите“. И не само дека е можно да побегне Груевски, туку дека тоа може да го сторат и некои други.

Според Заев, Никола Груевски со бегството во Унгарија ја признал вината за делата за кој е осуден и обвинет.

Посочи дека документацијата за екстрадиција се комплетира и ќе биде испратена до Унгарија. Заев се надева дека барањето за азил ќе биде одбиено од унгарските власти и Груевски  ќе биде екстрадиран во Македонија.

– Унгарија е наш пријател, сите документи докази и аргументи ќе ги споделиме со јавноста, ќе ги предадеме на Унагрија и на ЕУ. Ние сме со аспирација кон НАТО и ЕУ и ќе внимаваме многу да не го нарушиме пријателството со ниту една нивна земја-членка и со нашите поддржувачи. Најмалку што очекуваме е да го почитуваат меѓунардоното право и да го докажат пријателството со тоа што ќе го вратат Груевски, изјави премиерот Зоран Заев.