Владата на Република Македонија на вчера на седница го разгледуваше Предлог-буџетот за наредната година. Во рамки на закажаната 103 седница беше најавено да се дебатира за Предлог-буџетот за 2019 година, како и за Предлог-законот за извршување на буџетот. Законски рок на Владата е најдоцна до 15 ноември да го достави до Собранието на Република Македонија.
Со предлогот на Минстерството за финансии, што беше претставен пред коморите, синдикатите, невладиниот сектор и медиумите, предвидено е вкупните приходи во државната каса за 2019 година да изнесуваат 210,8 милијарди денари, а вкупните расходи на 228,5 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 3,2 проценти, а стапката на инфлација на 2 проценти. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,5 проценти или 17,7 милијарди денари што е за 500 милиони денари помалку во однос на годинава.
– Обезбедуваме умерена и постепена фискална консолидација. Ако пред две години буџетскиот дефицит изнесуваше три проценти од БДП, сега го намалуваме на 2,5 од БДП и сметаме дека тоа е сериозно намалување и исправен чекор. Не одиме кон радикално намалување, појасни министерот за финансии Драган Тевдовски.
Дефицитот ќе се покрива од домашни и надворешни извори во зависност од пазарните услови.
Тој оцени дека со постепената фискална консолидација се подготвува земјата за она што ја очекува во 2020 и 2021 година, односно исплата на доспеаните долгови направени од претходната власт.
Во предлог-буџетот им пари за повисоки плати во здравството, образованието и одбраната, повеќе пари за реформите во социјалната и детската заштита и пензискиот систем, како и средства за воведување „зелена нафта“ во земјоделството. Предвидени се повисоки плати за 10 проценти за лекарите специјалисти од јануари следната година и уште 5 проценти во септември за сите лекари. Зголемување на платите за пет проценти од септември догодина предвидени се и за просветните работници. Пет проценти повисока септемвриска плата се очекува да земат и вработените во администрацијата, но во Предлог-буџетот за 2019 година не се предвидени пари за исплата на К-15 во јавниот сектор.
Капиталните инвестиции се проектирани на 25,7 милијарди денари, а министерот за финансии очекува дека следната година ќе се забрза реализацијата на овие проекти.
– Постојано Министерството за финансии прави притисок на сите институции коишто имаат вакви проекти да ги реализираат. Многупати тие се соочуваат со огромни проблеми како проектни документации и добро е што во моментов голем дел од таквите проблеми се решени кај големите проекти и очекуваме дека ќе забрза реализацијата на капиталните инвестиции, рече Тевдовски, одговарајќи на прашање каков ќе биде механизамот којшто ќе се примени за капиталните инвестиции да бидат целосно реализирани.
Владата вчера на седницата донесе одлука да се обезбедат првични 98 милиони денари во Буџетот за борба против аерозагадувањето.
– Донесена е одлука со која намалувањето на аерозагадувањето се утврдува како стратешки приоритет за идната година. Како првични средства за оваа намена во Буџетот за 2019 година се предвидени 98 милиони денари, со препорака за обезбедување дополнителни финансиски средства за оваа програма да се искористат постоечките потенцијали од донаторската заедница, се вели во соопштението од владината прес-служба.