Бизнисмените веќе не притискаат за усогласување на православниот со католичкиот Божиќ

Стопанствениците веќе не се толку ревносни во барањето да се усогласи празнувањето на православниот со католичкиот Божиќ. Ги прилагодуваат бизнис активностите соодветно на странските партнери, а периодот на „неработење“ од речиси 15 дена го користат за завршување други обврски.

За некои, сепак, ваквата некомплементарност е проблематична, не само од финансиски аспект, туку и од аспект на исполнување на роковите за испорака, кои, како што велат, во одредени ситуации поради низа непредвидени отстапки предизвикани од надворешни фактори, можат да се проблематизираат.

Се зголемуваат и трошоците на компаниите што организираат дежурни служби и работници за време на празниците со цел континуитет во комуникацијата со надворешните деловни партнери.

– Со оглед дека станува збор за прецизно утврдени датуми што важат секоја година, компаниите се навикнати на овој вакуум период и дел од нив однапред имаат испланирано како ќе ги завршат обврските. И во делот на нарачките стопанствениците се прилагодени на западните држави и се трудат сите свои нарачки кои се увезуваат да ги направат на време, изјави за МИА извршниот директор на Сојузот на стопански комори (ССК) Александар Зарков.

Според него, од досегашното искуство, бизнис договорите не се склучуваат во овие предпразнични денови, туку најмалку два месеца претходно.

– Секоја реномирана компанија се организира со своите капацитети да не дозволи несигурност на бизнис соработката заради празникот. Во претстојниот празничен период деловните патувања се намалуваат, а несовпаѓањето од десеттина дена, особено во време на технолошки напредок, не претставува поголема тешкотија, потенцира Зарков.

Членките на Стопанската комора на Македонија немаат директно покренато барање за усогласување на прославувањето на божиќните празници, но нивните размислувања по ова прашање се поделени. Од една страна се компаниите, што извезуваат производи или увезуваат суровина од католичките земји (земјите од ЕУ како наши најголеми надворешно трговски партнери), а од друга компаниите што работат исклучиво на домашниот пазар и кај кои оваа некомплементарност во прославувањето на католичкиот и православниот Божиќ не им предизвикува проблеми во работењето

– Иако компаниите имаат склучени договори за соработка навреме, сепак, се јавуваат ситуации во кои се вршат измени во последен рок или се има потреба за набавка или достава на дополнителни количини што претходно не биле утврдени, а неработењето на странските партнери или домашните компании да им предизвика застој во постапувањето. Од финансиски аспект, кога се слават божиќните празници кај нас, поради континуитет во комуникацијата со странските партнери, се зголемуваат трошоците на компаниите кои организираат дежурни служби и работници кои се ангажирани за време на празниците, а кои за тој ангажман дополнително се плаќаат, вели Билјана Пеева-Ѓуриќ, директор во Стопанската комора.

Кога би постоело усогласување на овие празници, најголем бенефит би имале извозните компаниите и тоа од металната и електроиндустријата што во повеќе од 85 отсто се извозно ориентирани, металуршкиот сектор, земјоделско прехранбената индустрија, текстилот….

Компаниите што работат на домашниот пазар немаат големи проблеми и остануваат на ставот Божиќ да се празнува традиционално, на 7 јануари.

– Вредно е да се напомене дека навиките се веќе создадени да се функционира на овој начин во овој период на годината, што можеби е и главна причина зошто ова прашање засега не се актуелизирало, дополни Пеева – Ѓуриќ.

Иницијативата за усогласување на православниот и католичкиот Божиќ произлезе од ССК во 2007 година, а беше повторно актуелизирана во 2012-та. Стопанствениците бараа донесување закон што ќе го регулира ова прашање од кое, како што нагласуваа, најмногу трпи бизнисот. Став на тогашниот заменик-претседател на ССК Мирче Чекреџи беше дека усогласувањето на празниците ќе им помогне многу на фирмите, особено на извозно ориентираните зашто ќе се намали т.н. вакуум период во кој стагнира соработката со западноевропските партнери. Тие слават од 24 декември до Нова година, а ние од Нова година до 7 јануари.

Поддршка за Иницијативата стигна и од Стопанската комора на Македонија, чиј претседател, Бранко Азески укажа дека е добредојден секој чекор што ќе го унапреди бизнисот. Но, Азески, истовремено, повикувајќи се на досегашните искуства, предочи и дека македонските компании лесно се прилагодуваат.

– Само три држави, Србија, Русија и ние, го славиме Божик на 7 јануари. Објективно, тоа создава проблеми затоа што додека се слави католичкиот Божик, странските компании кај нас не работат и обратно. Се отвора 20-дневен период на „пауза“. Но, досегашното искуство покажува дека нашите компании лесно се прилагодуваат на ова, тогаш ги вршат ремонтите или поради вишоките трошоци, го намалуваат производството во тој период. Генерално, големите компании не трпат којзнае колкави штети, но помалите да, рече тогаш Азески.

Негов став беше и дека замената на Јулијанскиот со Грегоријанскиот календар е црковна работа, а не на власта.

Според некои членки на Стопанската комора, пак, од несовпаѓањето на православниот и католичкиот Божик, реално не трпи никој.

– Бизнис договорите не се склучени во некој од тие денови, туку најмалку два месеца претходно и си течат. Секоја сериозна компанија се организира, има служба за тоа, дежурни кои нема да дозволат пропаѓање на зделките заради празникот. Во јануари никој од Запад не доаѓа тука. Сите се дома и најчесто го продолжуваат празнувањето. Многу земаат и плус денови одмор за на скијање така што тој период се поклопува со нашиот празник до 7 јануари. Во оваа смисла, несовпаѓањето од една недела не е толку голем проблем, беше образложението на некои компаниите членки на Комората.

Во католичките земји од ЕУ Македонија реализира околу 60 отсто од извозот.