Претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села денеска побара оставка од премиерот Зоран Заев, но и формирање експертска влада. По бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, тој побара одговорност и од сите надлежни институции, а од Јавното обвинителство да отвори постапка за сите за кои има сознанија дека му помогнале на Груевски да побегне од Македонија.
Експертската влада, според Села, ќе треба да ги продолжи евроинтегративните процеси, но и да ја спроведе реформата во судството и како што рече, да одговараат сите судии за скандалите на кои сме сведоци.
– Денеска сите граѓани кои веруваа во Македонија на иднината, независно судство, правен систем и правда се разочарани од оваа власт. Ние повеќепати предупредувавме дека е можно вмроизираното судство да премине во сдсмизирано и сега тоа е реалност. Затоа бараме премиерот Зоран Заев и Владата да преземат одговорност и поднесат оставка, и веднаш да се формира експертска влада, рече Села на прес-конференцијата во Собранието.
Тој потенцира дека бегството на Груевски не е прв случај и оти како што рече сите кои треба да одговараат за криминал се во бегство.
Претседателот на Алијансата за Албанците смета дека се потребни и предвремени парламентарни избори кои би се организирале заедно со претседателските.