На свеченост во Македонската филхармонија по повод 74 години од ослободувањето на главниот град, вчеравечер беа доделени наградите „13 Ноември“ на Град Скопје, а на годинашните добитници им ги врачи градоначалникот Петре Шилегов.
Од областа на науката наградена е судијката Маргарита Цаца Николовска – за придонес во унапредување, промоција и заштита на човековите права и слободи, развој на демократијата и владеење на правото. Од областа на образованието и воспитанието наградата за 2018 ја прими професорот во пензија Аџи Фида – за долгогодишна успешна дејност во областа на образованието и воспитанието. Од областа на спортот награден е пливачот Андреј Стојановски – за остварување врвни резултати во пливачкиот спорт во категоријата за лица со посебни потреби.
За култура – музикологот Марко Коловски – за значајни долгогодишни остварувања во областа на музичкото творештво, и писателот и книжевен преведувач Ресул Шабани – за превод на антологиите „Поети академици“ и „Поети и раскажувачи академици“. Од областа на уметноста – академскиот музичар Рамадан Шукри – за придонес во областа на уметноста, културата, образованието и воспитанието.
Новинарот Сефер Тахири ја доби наградата во областа на публицистиката, за 20-годишен придонес во развојот на новинарството и публицистиката. Архитектката Даница Павловска-Циги е наградена во областа на архитектурата, за долгогодишна посветеност за зачувување на автентичноста и вредностите на градот Скопје во сферата на планирање и управување со просторот.
Во категоријата правни лица, оваа година наградата „13 Ноември“ им е доделена на ЈЗУ Геронтолошкиот завод „13 Ноември“-Скопје за долгогодишна успешна работа, и Противпожарната бригада на Град Скопје – за успешна работа и голем придонес во заштитата и спасувањето на граѓаните од пожари, природни непогоди и други несреќи.
Во категоријата ученици и студенти, награден е пијанистот Арда Мустафаоглу, ученик во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности и посебен придонес за афирмација на градот Скопје во светот.
Шест ученици од ООУ „Кочо Рацин“- Скопје: Мила Коцевска, Софија Стојменова, Нена Гиевска, Марија Гавриловиќ, Петар Тодоровски и Ведран Лауренчиќ, се наградени за хуманост – укажување прва помош на лице во градски автобус.
Градоначалникот Петре Шилегов во обраќањето се осврна на активностите во изминатата година од неговиот градоначалнички мандат и нагласи оти е убеден дека со она што успеале да го реализираат исполниле, како што рече, барем дел од нашиот долг кон ослободителите.
– Сетете се, драги сограѓани, каде бевме на тој план само пред две години. Историчарите ги правдаа шовинистите и неславните страници на нашата историја, измислуваа нови епохи, креваа споменици на оние кои биле познати по суровоста и свирепоста. Систематски го уништуваа наследството од Народноослободителната војна. Трагите во просторот, бистите, спомениците и спомен-плочите, беа засенети од лажниот сјај на новата историја претставена со проектот „Скопје 2014“, истакна Шилегов.
Додаде дека Скопје е град кој поминал низ сѐ и сешто, но дека полека се враќа на вистинскиот пат на космополитизмот, солидарноста, прогресот. – Зад себе тој има децении на страдање, но и децении на творење, децении на паѓање, но и децении на растење. Скопје – градот феникс, кој повторно и повторно се раѓа и повторно и повторно се ослободува. Скопје секогаш успева да ги надмине сите премрежија и повторно да биде градот убав, рече Шилегов на свеченоста по повод Денот на ослободувањето на Скопје, на која меѓу гостите беа и градоначалниците на Подгорица и Пловдив со кои Скопје е збратимен град.
Во рамки на свеченоста во фоајето на Филхармонијата беше отворена изложба на ликовни дела од 14. Меѓународна ликовна колонија „Скопје 2018“ и беше изведен перформансот „Ослободување на Скопје во 7 поглавја“.