ЕК: Македонскиот БДП годинава 2,1 отсто, главен ризик можната политичка нестабилност

 Македонија годинава ќе забележи економски раст од 2,1 отсто, прогнозира Европската комисија во есенскиот извештај за економиите на земјите членки на ЕУ и државите кандидати.

ЕК за наредната година предвидува македонската економија да порасне за 2,8 отсто, а во 2020 година за 3,1 процент.

Во делот за Македонија се наведува дека економското опоравување на земјата ќе зависи од политичката состојба и нивото на инвестиции. Главните ризици се поврзани со можната политичка нестабилност што може да ги одврати инвеститорите.

ЕК очекува економското опоравување на Македонија да продолжи во 2019 и 2020 година, но побавно од претходно проектираното. Клучно за развојот на економијата ќе бидат инвестициите и фискалните стимулативни мерки што се очекуваат да бидат применети.

Се очекува инвестициите да имаат значителен дел во економскиот раст, инвестициската клима да се подобрува, како и зголемување на корпоративното кредитирање и поддршката за компаниите. Владата е решена да се справува со проблемите и да развива подобра бизнис клима со цел да го забрза пристапувањето кон ЕУ, наведува ЕК.

Се очекува и натамошно зголемување на извозот, на бројот на работните места и на платите. Во првото полугодие е забалежано подобрување на пазарот на труд и зголемена стапка на вработување. Создавањето на нови работни места и натаму ќе биде поддржано од владините економски мерки, но најмногу ќе зависи од странските инвестиции.

Во однос на јавните финансии ЕК забележува дека има зголемување на некои даноци и очекува буџетскиот дефицит да остане на планираното ниво, а до 2021 година да биде сведено на два отсто.

ЕК предвидува стапката на невработеност во Македонија на крајот на годината да биде 21,3 отсто, догодина 20,6, а во 2021 – 20,1 отсто.