Политичките состојби во Република Македонија, со акцент на претстојните активности поврзани со целосна имплементација на Договорот од Преспа, реформската ЕУ и НАТО агенда, како и на македонскиот придонес во развојот на добрососедските односи и регионалната соработка во Југоисточна Европа, се темите за кои денеска брифираше министерот за надворешни работи Никола Димитров пред Комисијата за ЕУ прашања во германскиот Бундестаг.
Како што соопштија од МНР, Димитров кој престојува во работна посета на Сојузна Република Германија, на покана на претседателот на Комисијата, Гунтер Крихбаум, пред присутните нагласил дека Македонија е решена да успее и потенцирал дека на следната средба заедбно ќе го прослават отворањето на пристапните преговори со ЕУ.”
Министерот Димитров остварил средба и со Јан Хекер – советникот за надворешна политика на германската канцеларка, Ангела Меркел на која дискутирале за билатералната соработка меѓу двете земји, при што било укажано дека реализацијата на реформите во Република Македонија се, пред се’, за бенефит на самите граѓани и трансформација на земјата во кредибилна европска демократија. Заеднички било потврдено дека историската посета на канцеларката Меркел на 8 септември е доказ за исклучително високото ниво на македонско-германските односи.
-Посетата на Берлин, Димитров ја искористи и за одвоени средби со управниот директор на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Роланд Шмид, како и со заменик-директорот за европска и меѓународна соработка во Фондацијата „Конрад Аденауер“, Франк Прис. На средбите Димитров им се заблагодари на соговорниците за дводецениските активности на двете фондации во Република Македонија и нивниот придонес во политичката и социо-економската трансформација на македонското општество, информираат од МНР.
Активностите на министерот Димитров продолжиле и на Институтот за општествени науки при Универзитетот Хумболт каде одржал предавање на тема „Дипломатија, демократија и компромис во Западен Балкан-прогресивниот пат на Македонија кон пристапот во ЕУ и лекциите за регионот”.
Димитров остварил средба и со специјалниот координатор на активностите на Германско-француската канцеларија за млади во регионот на ЈИЕ, Франк Моравjец, на која биле дискутирани проектите за соочување со минатото и надминување на разликите за одредени историски настани во регионот на ЈИЕ