Триста лица со хендикеп годинава биле вработени преку проекти и преку активните мерки од оперативниот план согласно Законот за вработување на инвалидни лица, од кои 230 лица со користење средства од Посебниот фонд, а 70 лица преку проектите од активните мерки за вработување. Најчесто во текстилната и печатарската индустрија се вработуваат лица со хендикеп.
Ова денеска го истакна в.д. директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Билјана Јовановска, која учествуваше на конференцијата на тема „Центар за вработување лица со хендикеп“ како основа за поддршка на лицата со хендикеп и компаниите.
Таа посочи дека намерата на Агенцијата за вработување е да продолжи со сите чинители во процесот на изнаоѓање начини и решенија на вклучување на лицата со попреченост во сите обуки, стекнување вештини, презентирање на активните мерки и проекти за вработување со цел да се намали бројот на невработени и тие да бидат вклучени во пазарот на труд.
Оперативниот директор на Стопанската комора на Македонија, Елена Милевска Штрбевска рече дека преку проектот „Центар за вработување на лица со хендикеп“ во соработка со „Полио Плус-движење против хендикеп“ оформиле Центар за вработување на лица со хендикеп. Појасни дека Центарот е лоциран во Стопанската комора и изминатата година организирал активности во насока на овозможување лицата со хендикеп да бидат интегрирани во работните процеси во компаниите и да се овозможи размена на информации, дополнителни знаења, искуства и образование за тие лица и за компаниите.
– Во рамки на тој проект преку Центарот за вработување на лица со хендикеп организиравме шест работилници за тие лица и осум обуки за компаниите со цел да бидат посеопфатно информирани за нивно вработување и нивно вклучување во работниот процес. Се овозможи девет практиканти од лицата со хендикеп да бидат вклучени директно на работа во компаниите, рече Милевска Штрбевска и изрази надеж дека Центарот и натаму ќе продолжи да функционира.
Програмски раководител на „Полио Плус – движење против хендикеп“, Елена Кочовска рече дека три лица со хендикеп биле практиканти во банкарскиот сектор, две во туристичкиот сектор, три во Стопанската комора…, а една банка одлучила да вработи лице со хендикеп. – Законот за вработување на лицата со хендикеп мора да премине во квотен систем, како и да се воведе институтот како што го нарекуваме „празна столица“ за да можат под еднакви можности тие да се вработуваат и во јавната администрација, додаде Кочовска.
Душан Томшиќ, советник во Кабинетот на министерот за труд и социјална политика, рече дека планираат и во текот на наредната година да воведат професионална рехабилитација, веќе се во насока на анализа на постојните законски решенија и ќе има измени на Законот за вработување на лица со попреченост кои ќе ја олеснат рехабилитацијата и ќе воведат средства кои би ја финансирале.
Додаде дека разговарале со „Полио Плус“ и сакаат идната година да почнат со профилирање на лицата кои се водат како невработени во Агенцијата за вработување и согласно нивните планови, можности и претходно знаење, да ги испратат на професионална рехабилитација, што ќе значи нивно полесно вклучување на пазарот на трудот.
Конференција ја организираше Стопанската кокмора на Македонија во соработка со „Полио Плус-движење против хендикеп“